Штип, 08.06.2021
Со звукот на сирените инсталирани со цел да го предупредат населението по течението на реката Злетовица во случај на евентуална хаварија на браната „Кнежево“, на 30 декември, 2010 година, свечено беше означен крајот на работите на првата фаза од регионалниот хидросистем „Злетовица“. Тоа значеше дека се создадени сите предуслови за обезбедување со квалитетна вода за пиење на 100.000 население од шест општини. Но, покасно се покажа дека општините не се во состојба да ги прифатат водите од регионалниот хидросистем поради тоа што ниту една од нив немаше филтер станица адаптирана за прифаќање површински води. Во ова меѓувреме само општините Пробиштип и Свети Николе добиваат вода од системот, додека општина Кратово многу пред неговата изградба добиваше вода од реката Златовица преку мал зафат над браната Кнежево.
Од тој миг до денот денешен поминаа речиси 11 години, а денес беше обзнаено дека Штип и Карбинци, две општини со околу 51.800 жители наскоро ќе можат да ја користат водата за пиење од ХС „Злетовица“. За таа цел денес директорот на ХС „Злетовица“ Миле Илиевски со директорите на штипски ЈП „Исар“ Здравко Коцев и на ЈКП „Плачковица“ – Карбинци Ѓорге Јанков потпишаа меморандум за прифаќање на водата од регионалниот хидросистем при што Штип првите пробни количини планира да ги прифати во месец септември, а нешто подоцна тоа ќе го направи и Општина Карбинци во која при крај е изградбата на нова филтер станица.
За Штип ова е од приоритетно значење зашто Злетовица е изградена да обезбеди квалитетна вода за пиење во наредните најмалку 30 години. Од 900 литри во секунда колку што е планирано да се пуштат од браната „Кнежево“ за регионот, нешто повеќе од половината, односно околу 500 литри вода во секунда се наменети за Штип. Покрај Општина Штип водата за пиење од Злетовица е наменета и за општините Лозово, Свети Николе, Карбинци, Пробиштип и Кратово.
По сите параметри водата за пиење од ХС „Злетовица“ треба да биде поефтина од водата која денес градот ја добива од своите рени бунари од бунарскиот систем покрај реката Брегалница бидејки потрошувачката на струја ќе биде помала. Но, по која цена „Злетовица“ ќе ја испорачува водата на општините засега со сигурност не е познато, иако директорот Илиевски најави цена од 4,78 денари за метар кубен за годинава без ДДВ, која идната година би требало да се намали на 4,70 денари а во 2023 година да се стабилизира на 4,60 денари без ддв.
Инаку, ХС „Злетовица“ како регионален систем е изграден благодарејки на јен кредитот од Јапонската банка Џајка од 82,5 милиони долари, а нашата држава со свои средства ги подмири трошоците за експопријација на земјиштето на кое е градена браната „Кнежево“ чиј капацитет е 22,5 милиони кубни метри вода и која во моментот е полна до врв поради поволната хидролошка состојба.
Овој систем ќе стане самоодржлив дури откако ќе се реализираат и другите две фази. Втората предвидува систем за наводнување на 4.500 хектари плодни ниви во пробиштипско и кратовски, а третата и најисплатлива е изградба на повеќе мали хидроцентрали за производство на 50 милиони киловат часови на годишно ниво. Но, за тоа се потребни додатни инвестиции од најмалку 60 милиони евра и на тоа прашање во ХС „Злетовица“ и Министерството за земјоделие, водостопанство и шумарство забрзано се работи..