Димитров: Потребно е квалитетно и одржливо решение кое не навлегува во идентитетски обележја на македонскиот народ
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров како член на Националниот совет за европски интеграции (НСЕИ) при Собранието, денеска учествуваше на првата конститутивна седница на ова тело во новиот собраниски состав.
Како што соопштија од кабинетот на Димитров, на седницата било дискутирано за актуелниот статус на Северна Македонија од аспект на европската перспектива и текот на процесот за подготовка на државата за членство во Европската Унија.
Во тој контекст, вицепремиерот Димитров ја истакнал улогата на Националниот совет како директен учесник и важен чинител, посочувајќи дека Северна Македонија е во одлична позиција од аспект на усогласеност со правото на ЕУ, споредено дури и со земјите кандидатки кои што подолго време имаат отворено пристапни преговори.
Димитров се осврнал на перспективите за европската интеграција на државата во пресрет на јунскиот Самит и обидите за надминување на пречките за усвојување на преговарачката рамка.
„Северна Македонија ги исполни сите предуслови и според многу земји членки и претставници на ЕУ институциите во Брисел, сме веројатно најдобро подготвената земја која треба да ги започне пристапните преговори. Точката на која застанавме е усвојување на текстот на Преговарачката рамка од страна на земјите членки. Да нема дилеми, нашите позиции се темелат на кристално јасни принципи и во однос на меѓународното право и во однос на Лисабонскиот договор и други важни столбови во смисла на правните акти на Европската Унија, како што се актите во областа на човековите права посебно”, посочил Димитров.
Според него, многу е важно времето да го искористиме не во чекање туку во работа, бидејќи меѓу другото пристапниот процес е алатка за реформи.
„Таа не носи волшебни промени преку ноќ, меѓутоа со политичка волја особено ако преку ова тело се обединат напорите на власта и опозицијата од една страна, а од друга страна факторите од приватниот сектор, академијата, целото општество – можеме многу да направиме. Во овој општ напор мислам дека треба посебно внимание да обрнеме и на младите, за утре да бидат активен чинител во градењето на политиките на СЕПУнијата и нашите политики“, рекол Димитров
Тој нагласил дека со отпочнувањето на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ допрва ќе има многу предизвици и процесот е многу комплексен, но НСЕИ треба да генерира синергија за надминување на разликите низ отворен дијалог, бидејќи токму европската агенда е обединувачка кауза и мисија.