Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска одржа заедничка прес-конференција со шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир, на која беше презентиран Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2021 година, како и Пакетот за проширување.
Вицепремиерот Димитров истакна дека Извештајот на ЕК за Северна Македонија е јасна и недвосмислена потврда дека и во време на сериозни предизвици, со посветеност и упорност во однос на европското досие на земјата, задржано е високото ниво на подготвеност за членство и во континуитет се исполнети условите за отворање на пристапни преговори.
„Клучната политичка порака на годинешниов извештај на Европската комисија се однесува на тоа дека продолжуваме да ги исполнуваме условите за отворање на пристапни преговори, дека властите јавно ја демонстрираат својата цврста посветеност за напредокот на земјата на нејзиниот пат кон Европската Унија. Земјата одржа стабилно, постојано („steady“) и одлучно темпо во унапредување на ЕУ реформите и ги засили своите напори за постигнување на натамошни видливи односно опипливи резултати. Сакам да појаснам дека оваа вкупна подготвеност не се однесува за почеток на пристапните преговори туку подготвеност за членство – имаме високо ниво на вкупна подготвеност и солидно темпо на напредок во споредба со минатата година“, рече Димитров.
Тој се осврна и на политичките пораки на Комисијата дека е крајно време за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија бидејќи застојот влијае многу негативно врз кредибилитетот на Унијата во регионот, а особено во Северна Македонија како предводник.
„Почетокот на пристапните преговори ќе потврди дека регионот е геостратешки приоритет на Унијата и ќе потврди дека пристапниот процес е процес кој подразбира исполнување на критериумите на членство. Согласно првичната анализа на наодите, Северна Македонија има најголема подготвеност со средна оценка од 3,02 во областите и поглавјата од Кластерот 1 „Темели“ дури и во однос на земјите кои веќе преговараат за членство – Србија со средна оценка 2,68 и Црна Гора со средна оценка 2,83. Споредливоста на напредокот и вкупната подготвеност се воведени токму за да обезбедат еден реформски натпревар во нашиот регион. Формалниот почеток на пристапните преговори ќе биде огромен политички поттик за спроведување на подлабински реформи со забрзана динамика, не само во усогласување со правото на ЕУ, туку и во суштинска имплементација на усвоената легислатива“, нагласи тој.
На прашањето за обидите за надминување на блокадата од Бугарија и адресирањето на овие прашања во пакетот за проширување, Димитров посочи дека обвинувањата од Бугарија во однос на кршењето на човековите права не се продуктивни и се далеку од реалноста.
„Не е мудро и не е коректно и во крајна линија, и членките треба да бидат добри соседи, не само кандидатите за членство. Мене ми се допаѓа што во Извештајот се вели дека договорите и со Грција и со Бугарија треба да продолжат да бидат почитувани и имплементирани од сите вклучени страни. Мислам дека е важно е што Европската комисија нашла за сходно да го потенцира. Ние сме во еден процес – и ние внатре и политиките на ЕУ кон регионот се класичен заложник на историски прашања. А во новата методологија се вели – еден од моите омилени параграфи: нерешените билатерални прашања не треба да го држат пристапниот процес во заложништво“, потенцира Димитров.
Во однос на коментарот на Вархеји дека соработува со Ковачев, Димитров потенцираше дека за нас е многу е важно што во оваа фаза голем интерес и ангажман покажуваат Претседателката на Комисијата фон дер Лаен и Претседателот на Советот Шарл Мишел, што укажува дека вклучувањето на ЕУ претставници од највисоко ниво го сметаат македонскиот случај за исклучително важно прашање, а влогот исклучително голем.
„Тоа ни дава надеж дека со ангажман на тоа ниво сепак ќе се успее да се направи пробив, иако мислам дека треба да бидеме многу внимателни со очекувањата, со надежта, итн. Јас претпочитам да сме изненадени од добра вест, бидејќи имаме искуство со големи разочарувања“, рече Димитров.