Штип, 18.05.2023
Во Штип, во организација на Националната установа – Центар за култура „Ацо Шопов“ денес се одржа трибина на тема „Националниот театар и националната драма“ на која дебатираа Христо Петрески, Гоце Ристовски, Катерина Петровска Кузманова, Мишел Павловски, Кристина Николовска и Тодор Кузманов. Во изјавата за нашиот медиум дадена по завршувањето на овој настан, Христо Петрески, претседател на Друштвото на писатели на Македонија, за нашиот медиум сублимирајќи ја дебатата го кажа следново:
„ДПМ е асоцијација во која има најголем број драмски писатели. Тука се, безмалку сите значајни македонски писатели на драмски текстови како Венко Андоновски, Блаже Миневски, Јордан Плевнеш, Трајче Кацаров, Гоце Ристовски,Сашко Насев, Дејан Дуковски, Југослав Петровски и други. И токму поради ситуацијата во која што имаме сé помалку македонски драмски автори и се помалку драмски текстови од домашни автори што се играат во македонските театри, во ДПМ одлучивме да ја востановиме наградата „Горан Стефановски“ за што конкуриравме во Министерството за култура. Ние од фелата остануваме во верување дека веќе од наредната година оваа награда ќе се доделува, а таа ќе биде и дополнителна мотивација за пишување и објавување на нови драмски дела од домашни автори“, рече Петрески.
Според првиот човек на ДПМ тоа е едната работа.
„Втората работа која исто така е од посебна важност е тоа што овие драмски писатели ќе бидат одредена група, една мала асоцијација, една секција во рамките на ДПМ, и верувам дека сите тие заеднички ќе го кренат гласот како драмски писатели и ќе покренуваат активности и акции кои се поврзани со домашниот автор, домашни текст, домаш театар. Јас верувам дека не само наградата „Горан Стефановски“ туку и активностите на драмските писатели на македонски јазик ќе ги активира и младите автори што побргу да посакаат да станат членови на ДПМ и да конкурираат за оваа значајна награда“, посочи соговорникот.
На овој начин, според Петрески, со конкретни активности, со конкретни предлози, во иднината која е пред нив писателите нема само да кукаат и лелекаат дека не се поддржани на домашен терен.
„ДПМ ќе има асоцијација на драмски писатели ќе обезбедува награди за драмски текстови и на тој налчин ќе го вратиме дигнитетот на драмскиот автор, на македонскиот драмски писател, а театрите не ќе можат да бидат глуви и имуни на домашните драмски дела доколку имаме што повеќе домашни автори,што повеќе публикувани драмски дела. И, она што е најбитно, само на тој начин македонскиот автор ќе излезе и од националното миље и ќе се докажува и афирмира и во светски рамки бидејќи ние сега не говориме за затворање, за затворен простор, нам не ни треба изолација не ни треба фаворизирање само затоа што некој е домашен автор зашто најдоброто за домашниот автор е тој да се натпреварува во вистинска конкуренција. Во таа смисла тогаш кога и Минситерството за култура ќе го стимулира домашно творештво на автори чии дела (ќе) се играат на нашите сцени, а посебна стимулација ќе има за оние автори чии дела ќе се играат и во странство, е тогаш ќе имаме вистински натпревар зашто секој драмски писател ќе сака да биде игран и дома и во странство и за тоа од државата да добие валоризација и надомест“, порача Петрески.
Тој уште рече дека секој домашен авгтор, во такви услови, исто така ќе се бори неговиот текст да се игра и во нашите театри. А како ќе се игра? Ќе се игра доколку Министерството исистира на репертоарите на домашните театри задолжително 30 проценти од претставите, како што било и порано, да бидат дела на домашни драмски автори.Тоа, според Петрески, никако не значи локал патриотизам бидејќи 70 проценти од драмските дела кои ќе се играат во нашите театри ќе бидат од странски автори.
„Овој сооднос не е наша измислица, тој е балкански, европски и светски и како таков се практикува поради потребата од заштита на домашните автори, заштита на македонскиот јазик, на македонското писмо, и она што е најбитно за стимулација на делата на домашните драмски автори докажани но и нови и недоволно афирмирани кои што не можат да имаат пробив во странство, значи мора прво некаде да се докажат, а каде ќе се докажат ако не на сопствената почва во сопствената држава“, смета Петрески.
Тој рече дека денешната трибина во организација на НУЦК „Ацо Шопов“-Штип била од исклучително значење, зашто и ДПМ, со конкретни активности, а не само со констатации веќе започнува да го врти тркалото напред.
„Ние во ДПМ веруваме дека за неколку години нема само да констатираме туку дека ќе имаме и повеќе објавени книги и добитници на наградат „Горан Стефановски“, и она што е најбитно, бенефитот ќе биде и за гледачите кои ќе имаат можност да гледаат нови современи драмски текстови од македонски автори. Ова можам да го потврдам со констатацијата дека на Саемот на книгата во Скопје веќе имаме се поголем број граѓани кои сакаат да читаат книги од домашни автори што не беше случај до пред 5 или 10 годинино. Ова е поради фактот дека се повеќе се објавува дела од македонски автори со поддршка од Министерството за култура со што се создаваат навики кај читателите, а во овој случај ќе се создаваат навики и кај гледачите и проблемот ќе биде решаван низ еден перманентен процес и во континуитет, а не само преку констатирање дека состојбата е лоша и дека некој друг ќе го реши овој проблем. Никој друг нема да го реши доколку домашните драмски автори самите немаат стратегија, а ДПМ е тука за нив и застанува на нивна страна. Ние сме подготвени да им дадеме просторна, морална и секаков вид друга поддршка“, рече Христо Петрески.