Штип, 21.05.2018
На 29 јуни годинава, Штипското културно лето кое ќе трае до крајот на месец јули, ќе го има најспектакуларното отворање во својата тридецениска историја.
Културното лето ќе биде отворено со вечер на сопранот Елена Голомеова, која својата европска кариера ја изгради во операта во Ница, Франција. Голомеова ќе исполни повеќе оперски арии во придружба на 22 член оркестар, под раководство на светски познатиот, а наш македонски обоист, маестро Васил Атанасов.
Елена Голомеова е родена штипјанка која своето музичко образование го започнала во средното музичко училиште во Штип за последната година да ја заврши во истоветно училиште во Скопје. На конкурс за млади таленти распишан од амбасадата на Република Франција во Македонија, во 2000 година, таа добива привилегија да замине за Франција при што се определува за Ница и за тамошната опера. Во меѓувреме добива француска стипендија, го завршува високото музичко образование со одличен успех, во меѓувреме настапувајќи на оперната сцена во Ница. Подоцна Голомеова ги завршува и постипломски студии на соодветна институција во Париз.
Во операта во Ница Елена Голомеова е од 2006 година. Таа е европски позната солистка на спомнатата опера која настапувала на поголем број оперски сцени на стариот континент.
Интересно е дека ова ќе биде првиот настап на Елена Голомеова во нејзиниот роден град на некоја од култните културни манифестации!
Вечерта со сопранот Елена Голомеова ќе се одржи на 29 јуни годинава во големата сала на Домот на култура „Ацо Шопов“ со што ШКЛ и официјално ќе биде отворено.
Комисијата за култура ја прифати програмата за ШКЛ која е разновидна и која предвидува настани за сечии вкусови. Штипскиот Народен театар ќе настапи со последната претстава „Амадеус“, МНТ со Игор Џамбазов ќе ја разгали штипската публика со претставата „Говорна маана“, театарот „Ј.К. Џинот“ ќе ја прикаже претставата „Тоалет за дами“…Штипјани ќе имаат можност да уживаат и во вечерта на романтичарски и македонски соло песни со дуото Виолета Арсовска-Марија Максимова, ќе се одржи и концерт на барокни арии и дуети на Ана Палупски-сопран, Наташа Пандазиева-мецосопран и Наташа Трбоевиќ-пијано. Tриото Класико – Невенка Дуковска, Ване Аревски , Кристина Палија ќе ја донесат својата музичка разгледница, а Градскиот хор се јавува како организатор на Вториот интернационален фестивал на камерни хорови и пејачи „Астибо фест“ на кој ќе настапат хорови од повеќе држави.
На ШКЛ ќе има и повеќе поетски вечери, ликовни изложби, рок подиуми, а на врвот Вртешка на планината Плачковица ќе се одржи традиционалниот музички хепенинг кој секоја година привлекува илјадници посетители.