Жешката еколошка точка во Пробиштип и Македонија станува фотоволтаичен парк но…

Пробиштип, 20.05.2022

Старото хидројаловиште на рудникот Злетово во Пробиштип кое од експертската јавност во државата е рангирано како една од трите најжешки, а со тоа и најопасни во луѓето и животната средина еколошки точки во државата станува поле за производство на електрична енергија преку инсталација на фотоволтаици на неговата површина. Со оглед на фактот дека низ децениската работа на рудникот хидројаловиштето се спои со градот, тоа се смета за потенцијален проблем и закана по животната средина на Пробиштип, но и на неговата поблиска околина.

Во минатотот постоеја повеќе идеи по прашањето како да се рекултивира овој простор од 55 хектари на кои е депонирана маса од 11 милиони метри кубни олово-цинкова јаловина, и со тоа да се остварат две цели; првата – решавање на жешката еколошка точка за сите времиња, а втората ставање на овој земјишен капитал во економска функција.

ja01
Драган Анастасов

-Во Пробиштип сме оптимисти дека, конечно, нашиот најголем еколошки проблем ќе биде решен. Веќе идниот месец ќе се отвори постапка за решавање на ова прашање преку усвојување на детален урбанистички план за тој простор за што деновиве очекуваме согласност од Министерството за транспорт и врски, вели пробиштипскиот градоначалник Драган Анастасов.

Хидројаловишната депонија зафаќа површина од 55 хектари, во неа е депонирана  олово-цинкова јаловина од 11 милиони метри кубни, санацијата и ремедијацијата на истата за да се доведе до можност за поставување на фотоволтаци ќе чини 3.000.000 милиони евра, а кој ќе ја плати таа сума, инвеститорот или државата  останува да се види

Првиот граѓанин на рударскиот град вели дека ќе бидат доделени две парцели за фотоволтаични паркови во вкупна површина од 400.000 метри квадратни. Министерството за транспорт и врски треба да одлучи дали ќе даде согласност за оттуѓување (продажба) на земјиштето или за негово давање под закуп.

Поставувањето фотоволтаици, или била каква друга економска активност на земјиште кое е со опасен отпад и постојано „работи“ не е едноставна работа. Тоа си бара пообемна санација и ремедијација, а првите проценки се дека инвеститорот, само во оваа работа без која не може да се изведе ништо друго, ќе мора да вложи најмалку три милиони евра.

Проф.д-р Соња Липиткова која е професор по геохемија на Универзитетот „Гоце Делчев“  во Штип, а на одделот за животна средина предава законодавство во животната средина, оценка на влијанието на животна средина и проценка на економскиот ризик, вели дека за овој простор ќе мора да се прави нова студија која инвесторот, ако сака може да ја финансира.

-Бидејќи се работи за жешка еколошка точка која е и проблем на државата, новата студија која мора да ја има ќе оди на проверка во Советот за ремедијација. За оваа локација порано се правени проекти за санација и ремедијација во три фази: првата фаза е да се реши косината која била причина за обрушување на челото на браната во седумдесеттите години од минатито век, зашто се работи за флуидна маса. Втората фаза е на долниот дел да се направи одводнување за да се реши водата во хидројаловиштето и да се постави геотекстил-геомембрана, па откако овие две фази ќе се решат да се пристапи кон третата фаза-поставување земја, хумусен слој на површината, појаснува Липиткова.

Во решавањето на овој проблем, со оглед на фактот дека се работи за флуидна маса, ќе мора да биде вклучен Факултетот по природни и технички науки -оддел за геологија и рударство при Универзитетот „Гоце Делчев“, зашто друга таква стручна и научна институција во државата не постои, и само тука постои лабораторија и стручен кадар кој може да решава вакви проблеми. Ревизијата на нoвиот проект во Македонија може да ја врши само Градежниот факултет од Скопје.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе