Заштитните маски не предизвикуваат бактериска пневмонија

Насловот на текстот се темели на изјава на доктор Џејмс Михан, но испуштено е да се наведе дека тој не кажува оти носењето маска е причина за бактериска пневмонија, туку неправилното носење маска, што е различно. Тоа  за „Вистиномер“ го потврдија и  етаблирани медицински стручни лица. Исто така, повеќе реномирани сервиси за проверка на факти како невистинито го оценија тврдење  дека носењето маски предизвикува бактериска пневмонија

Рецензираме текст во чиј наслов и Фејсбук пост се тврди дека заштитните маски предизвикуваат бактериска пневмонија.

Што претставува бактериска пневмонија? Тоа е инфекција на белите дробови предизвикана од бактерии. Најчестата бактерија што ја предизвикува бактериската пневмоја е стрептокока, но и други бактерии може да ја предизвикаат. Ако станува збор за млад човек и во општо добро здравје, тогаш оваа бактерија живее во грлото и не предизвикува проблеми. Но, ако имуниот систем е ослабен од која било која причина, бактеријата може да се спушти на белите дробови и да ги инфицира. Тие се полнат со течност и се предизвикува пневмонија. Луѓето кои имаат поголем ризик од бактериска пневмонија се повозрасни од 65 години, имаат астма, дијабетес или срцеви заболувања, се опоравуваат по операција, имаат недостаток од витамини и минерали, пушачи се или имаат вирална пневмонија. Според медицински извори  (WebMD),  луѓето кои имаат ослабен имунолошки систем, како оние кои имале трансплантација на орган, се ХИВ позитивни или имаат лимфома, леукемија или сериозна болест на бубрезите, имаат поголем ризик од развивање на инфекцијата.

Дали бактериската пневмонија може да биде предизвикана од носење маска?

Вистиномер“ се обрати до неколку медицински професионалци со ова прашање. Доктор Александар Митов вели дека бактериска пневмонија не може да биде предизвикана од носењето маска.

Директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија во Скопје, професор доктор Дејан Докич, смета доколку маската се носи правилно, таа не може да допринесе за развивање на бактериска пневмонија.

Ако маската се носи правилно, тогаш не може од неа да се добие бактериска пневмонија. Напротив, оваа година во Македонија немаме толку многу случаи на грип и на други вирусни инфекции, бидејќи маските штитат и од други респираторни микроорганизми, вируси и бактерии. Маската Н95 штити од 95 проценти од аеросолите. Хируршката маска се фрла после една употреба. Доколку теоретски некој ја остави маската отворена, па некој во неа му се искашла или намерно му стави бактерија од внатрешната страна и тогаш има можност, но само теоретска. Ова е научна фантастика,  изјави  Докич за „Вистиномер“.

Во текстот што го рецензираме, насловот се темели на изјaва на доктор Џејмс Михан, но испуштено е да се наведе дека тој не кажува оти носењето маска е причина за бактериска пневмонија, туку неправилното носење маска може да биде причина, како што и нашите етаблирани медицински стручни лица ни потврдија. Во изјавата што ја дал лекарот Михан, тој посочува дека граѓаните постојано носат медицински маски на нестерилен начин, при што тие се контаминираат со текот на времето. „Луѓето ги вадат своите маски од секаде, од автомобилските седишта, од џебовите, по што ги носат валкани, а треба да носат стерилни маски“, се вели во текстот. Но, во насловот се кажува дека самото носење маска е причинител на бактериската пневмонија што е комплетно невистинито.

Селективниот пристап при креирањето на насловот и намерното занемарување на важен сегмент од објаснувањето на доктор Михан, води до погрешна интерпретација односно пропуштен контекст – создвава искривена слика дека самото носење маска е причинител на бактериска пневмонија. Што не е точно.

За тоа дека тврдењето оти носењето маска предизвикува бактериска пневмонија е мит, потврдува и  реномираниот универзитет во Пенсилванија Пен Стејт.

Не постојат податоци да го потврдат тврдењето дека маските се зафатени со бактерии, изложувајќи ги граѓаните на бактериска пневмонија. Всушност, здравствените работници бараат од пациентите со висок ризик од инфекција, како онколошките пациенти, да носат маска за заштита. Во меѓувреме, важно е да ја носите вашата маска на правилен начин, прекривајќи ги устата и носот и да се воздржите од допирање на лицето, зашто непридржувањето кон овие совети може да допринесе да се шири вирусна инфекцијапосочуваат оттаму. 

И сервисот за проверка на факти на „Асошиејтед прес“ како невистинито го оценил ваквото тврдење за маските.

Сличен текст има и „Ју Ес Еј Тудеј“.

Имајќи ги предвид сите овие информации, оценуваме дека не е вистина оти носењето маска предизвикува бактериска пневмонија, како што се тврди во насловот – постот којшто се шири на Фејсбук и кој во моментот кога е правена оваа рецензија има 296 споделувања.

 

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе