ЗА ДЕНОТ НА РУДАРИТЕ. Рудниците ќе ги наградат најдобрите рудари, во Македонска Каменица ќе биде предаден во употреба Паркот на младите
Штип, 26.08.2021
Македонските рудари во сабота, на 28 август, пригодно ќе го одбележат својот ден. Во услови на пандемијата одбележувањето ќе биде скромно, без големи собири и големи говори за оствареното помеѓу двата рударски празника.
Во САСА кај Македонска Каменица, најголемиот рудник со подземен коп во државата сите рудари ќе добијат додаток на платата, а најдобрите рудари ќе добијат и повисок финансиски надомест.
Во посета на рудникот рудникот Саса, по повод Денот на рударите, на 28 август ќе биде претседателот на државата Стево Пендаровски. Тој ќе има разговори со раководството на рудникот на чело со генералнот директор Скот Јеланд. Потоа во Македонска Каменица ќе биде предаден во употреба Паркот на младите во кој рудникот инвестираше 130.000 евра.
Општина Каменица која за свој Ден на општината го има 28 август, иако годинава слави 25 години од моментот кога доби статус на самостојна општина, поради пандемијата нема да прави никакви прослави.
И во рудниците за бакар Бучим и Боров Дол кој зафаќа територија на три општини-Конче, Штип и Радовиш, во сабота во 19 часот на отворено ќе има пригодна свеченост на која директорите Павло Кривинскиј и Олег Чусовитин ќе им ги предадaт признанијата на најдобрите рудари помеѓу двата рударски празника кои ќе добијат статуетки и повисока парична награда. Парична награда ќе добијат и сите останати вработени во Бучим и во Боров Дол. На свеченоста ќе бидат присутни и градоначалниците на Конче – Благој Илиев, на Штип Сашко Николов и на Радовиш – Герасим Конзулов.
Во рудниците за олово и цинк на компанијата Бул Мак – Злетово во Пробиштип и Тораница во Крива Паланка нема да има свечености, Но затоа пак 28 август е Ден на Општина Пробиштип и…
-Општината на посебен начин ќе го одбележи својот ден, секако со почитување на здравствениот протокол. Советот на Општина Пробиштип на 27 (петок) во 19,30 часот ќе има свечена седница на која на заслужени стопански организации, институции и поединци ќе им бидат врачени плакети и благодарници. Свечената седница ќе биде на отворено, пред Домот на култура „Злетовски рудар“, а на неа ќе говорат градоначалникот Драган Анастасов и претседателот на Советот Љупчо Благоевски, ни изјави Марија Митева, советничка за односи со јавноста во кабинетот на градоначалникот.
Присутните ќе можат да ги видат делата на сликарката Валентина Илиевска кои ќе бидат изложени на отворено во Градскиот парк. Традиционалните музички настани и спортски натпревари се откажани.