За трагедијата во Кочани осомничени вкупно 34 лица: Сите знаеле дека „Пулс“ не ги исполнува условите за работа

Осомничени се вкупно 34 лица, вклучувајќи го сопственикот и управителот на дискотеката „Пулс“, обезбедувањето, поранешен министер, државен секретар, раководители на сектор и одделение, помлад соработник, поранешни градоначалници, директори на пазарен инспекторат, инспектори, градоначалници, продавачи на билети, неколку компании од Кичево и од Скопје, полициски службеници … Сите знаеле дека дискотеката не ги исполнува условите, но придонеле кон тоа таа да работи и да организира концерти и забави. Ова го рече државниот обвинител Љупчо Коцевски на денешната прес-конференција пред Јавното обвинителство во Кочани.

Ова е само почеток, односно предистражна постапка, и тек следува истрагата во која многу од овие сомневања ќе се потврдат или отфрлат.

Коцевски денеска информираште дека ќе спроведе истражна постапка против 27 физички и 3 правни лица за кои има сомнение дека како соизвршители сториле тешки дела против општата сигурност.

Според обвинителството сите осомничени во периодот од 2012 година, па до 16 март годинава, заеднички, но секој од аспект на свое својство, надлежности и одговорности, не постапиле според прописите за мерки на заштита.

Сите осомничени се обезбедени, а кочанското обвинителство, со оглед на тежината на кривичното дело кое им се става на товар и сите други околности, бара притвор за сите осомничени, со исклучок на 3 лица кои се хоспитализирани.

„Незаконитите дејствија, довеле до тоа да при користење пиротехника, за време на настап на групата ДНК во кабаре „Пулс“, биде предизвикан пожар, во кој имаше 59 жртви, а 197 повредени, од кои 25 се деца“, рече Коцевски додавајќи дека иако сите биле свесни дека може да настане штетна последица, осомничените придонеле за катастрофалниот исход.

Според Коцевски, тројца од осомничените се јавуваат како одговорни лица, сосопственици или управители. Првиот е закупец на објектот со намена за лесна индустрија, кој се наоѓа во индустриска зона, а не исполнувал услови да биде кабаре.

„Но, во континуитет, во цел период, осомничените добивале лиценца и организирале угостителски услуги. Сите знаеле дека клубот на ги исполнува условите за работа“, вели Коцевски

Постои основано сомнение дека првоосомничениот, за период од 13 февруари лани, до 13 февруари годинава, директно, на осомничено службено лице, вработено во Министерството за економија, му дал пари за да изврши службено дејство кое не би смеел да го изврши без да биде спроведена законска постапка, со што обезбедил фалсификувана лиценца.

„Против вработениот во министерството поведена е постапка за примање поткуп“, информира Коцевски.

Една од осомничените е и сопственичка и управителка на осомничено правно лице од Кочани, која во 2010 година му изготвила проект на сопственикот, како услов за почнување со работа, иако знаела дека нема законски услови да се направи пренамена на тој објект во кабаре. Незаконскиот проект, сопственикот од 2012 до 2022 во континуитет го користел за да добива дозвола за вршење угостителска дејност. Тој ѝ се обратил на осомничената, а таа направила промена на правните лица во основниот проект и со тоа овозможила кабарето да поднесува барања за лиценца.

„Од Министерството за економија, до моментов осомничени се поранешен министер но и поранешен државен секретар, раководител на сектор, раководител на одделение и помлад соработник, кои во моментов работат во министерството но на други позиции. Сите тие, не постапиле според прописи и технички правила за мерки на заштита, и на осомниченото правно лице, со лиценци, во повеќе наврати, му овозможиле да функционира како угостителски објект“, додаде Коцевски.

Поранешен директор на Државниот пазарен инспекторат, заедно со уште тројца инспектори, додава Коцевски, иако биле должни да вршат инспекциски надзор, во периодот од јануари 2020 до 16 март, годинава, во ниту еден наврат не извршиле контрола во работата, за да видат дали има важечка лиценца за вршење на угостителса дејност и други пропишани услови согласно закон. Со тоа овозможиле „Пулс“ да продолжи со вршење на угостителска дејност.

Што се однесува до осомничените тројца градоначалници на Кочани, тие во период од 2012 година, па до вечерта кога се случи трагедијата, како и двајца осомничени поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, не ги извршиле своите правни обврски, со што овозможиле „Пулс“ незаконски да врши угостителска дејност спротивно на закон.

„За целиот тој период општината примала уплати по основа на надомест за угостителски објект“ рече Коцевски додавајќи оти МВР врши проверки на сите пропусти во цел период на работа на клубот.

„Еден од осомничените од клубот, усно организирал концерт без формално потпишан договор со ДНК и заедно со осомничените управители и свесни дека капацитетот и условите во објектот тоа не го дозволуваат, овозможиле на околу 650 лица да влезат, меѓу кои 31 дете“, рече Коцевски.

Меѓу осомничените е и едно лице кое вршело продажба на билети, без да води сметка за бројот и возраста на гостите, овозможувајќи да има малолетни лица на настанот.

Осомничените од обезбедувањето, пак, не спречиле да се внесат во угостителскиот објект пиротехнички фонтани, иако за тоа немале дозвола, ниту пак просторот дозволувал употреба на такви средства.

„За внес на пиротехниката е осомничен е и член на музичката група и има сомнение дека во 02:32 часот како дел од сценскиот настап ги активирале пиротехничките фонтани кои исфрлале искри на плафонот, по што настанал пожарот“, рече Коцевски.

Тој информира дека осомничени се сопственик и управител на фирма за обезбедување од Скопје, чие име не го откри, како и тројца вработени во фирмата, заедно со уште едно лице кое не било вработено во фирмата, но вршело одредени работи за таа фирма. Сите тие работеле како обезбедување, без безбедносна проценка и план за обезбедување, без да ги проверат условите за противпожарна заштита и други сигурносни услови.

„Во текот на вечерта не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот и не спречиле внес и користење на пиротехника со кој бил предизвикан пожарот. За овој настан истрага се води и во специјализираното одделение за кривични дела сторени од лица со полициски овластувања, па така, против 7 полицајци од Штип и Кочани кои како соизвршители, потпишувајќи позитивна согласност, му овомзожиле на правното лице да се стекне со лиценца иако не ги исполнувал законските услови за работа. Со нив, вкупниот број на осомничени за одговорност за оваа трагедија се 34 физички лица и сите се обезбедени“, рече Коцевски.

Тој потенцира дека ова е само почеток на истрагата и дека претстои обемна истражна постапка.

„Ќе се прибираат докази, ќе има истражни дејствија, истрагата ќе биде брза и ефикасна. Сите да бидат воздржани и смирени, за да можат истражните органи ја завршат истрагата. најмалата законска казна за овие дела е три, а максималната казна е 20 години“, рече Коцевски.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе