Штип, 24.05.2017
- Ја имате шансата да ги потскратите канџите. Ваквото ВМРО, драги мои нема повеќе никаков кредибилитет во никоја сфера. Во рамките на самата партија, тоа е веќе истрошена и уморена структура во која мотив има единствено лидерот, но мотив за сопствен спас, не за нас
Драги мои пријатели, еве ме по подолго време, пак се огласувам со некои мои размислувања на одредени социјално-политички теми. Оние кои понекогаш ме следеле, знаат дека подолго време „апстинирам“ од јавни настапи. Причините за таа апстиненција се лични и некои од нив веќе објаснив во некои од претходните мои колумни. И тогаш, и сега имав став дека ќе се огласувам само повремено, кога ќе почуствувам потреба од тоа. Сметам дека сега има потреба.
Имено, во очи на локалните избори во Македонија, закажани за 15-ти октомври, 2017 година, кога ќе имаме можност да го дадеме својот глас за избор на советници и градоначалници во 80 општини на територијата на Македонија, сакам да го изнесам ставот кој сум убеден дека е важен да биде споделен. А кој, впрочем многумина и го споделуваат, јас овде само ќе го артикулирам она што многумина потсвесно го чувствуваат.
И тој став веднаш во старт мора јасно и гласно да се каже – на овие локални избори не смее да се гласа за ВМРО-ДПМНЕ! Текстов што следи е впрочем аргументација на оваа едноставна препорака, која сметам дека треба да се упати дури и на членовите и симпатизерите на самата партија ВМРО-ДПМНЕ, можеби особено на членовите и симпатизерите на оваа партија. Ако ја сакат и почитуваат својата партија, ако и мислат добро и ако имаат намера од сето ова да излезат подобри – морат да ја оставам овој пат да изгори до крај, за да може да се крене како Феникс од пепелта. Ова особено важи пак за оние како мене, обичните, неутралните граѓани, на кои им е важно да има не само добра и силна власт, ами добра, силна и кредибилна опозиција. Оти видовме што се случи за време на децениското владеење на ДПМНЕ со слаба и безидејна опозиција. Аздиса ВМРО и Македонија скоро и да завршеше како отворена диктатура. Затоа, сега мора да „согори“ оваа структура на ВМРО-ДПМНЕ до крај и да се роди нова, променета, осовременета…
Во вакво ВМРО-ДПМНЕ вашиот глас е глас фрлен во бунар. Со вашиот глас, во вакво ВМРО-ДПМНЕ, не инвестирате апсолутно во ништо, освен во Никола Груевски лично. Вашиот глас за ВМРО-ДПМНЕ сега е глас единствено за спас на Груевски и само му помагате да ја крене само и единствено сопствената цена за да ги подобри сопствените преговарачки позиции за спасување на сопствената кожа. Затоа вашиот глас во случајов ништо не придонесува ниту за вас, ниту за вашата општина, ниту за државата, ами единствено е инвестиција во кожата на Груевски. Од тие причини апелирам, дури и молам, сите независни граѓани и граѓанки, а особено дури и членовите и симпатизерите на ВМРО да и дадат шанса на таа партија со тоа што ќе ја остават да „потоне“ до крај. Долго време заробена партија во канџите – сега дури ниту во рацете на фамилијата, затоа што најголем број и од членовите на фамилијата го напуштија – туку во канџите само на Груевски и едвај неколкумина околу него, не може да биде добро ниту за партијата, а најмалку за државата.
„ Груевски е веќе клинички мртов. Сè што треба да направите е да ги исклучите апаратите, ако ја сакате сопствената партија, ако ја сакате сопствената држава. Тој чин во овој историски миг е врвен чин на патриотизам. Да се биде патриот на овие избори е лесно – не треба да се гласа за ВМРО-ДПМНЕ!„
Ја имате шансата да ги потскратите канџите. Ваквото ВМРО, драги мои нема повеќе никаков кредибилитет во никоја сфера. Во рамките на самата партија, тоа е веќе истрошена и уморена структура во која мотив има единствено лидерот, но мотив за спас, не за нас. Таму повеќе нема никаква енергија, а камо ли победничка. Таму нема желба за ништо, освен инерција. На домашно-политички план, пак во секоја област сите џокери им се потрошени. Толку се потрошени, што сè што се обидуваат да смислат изгледа бледо, неуверливо, дури и карикатурално. Секој слоган, секоја прес-конференција, секоја реченица им е испразнета од значење. На пример: „нова ера“? Нова ера со ДПМНЕ!? Мора да се зафркаваш! Што е тоа што се уште можат да го понудат, а не само да изгледа свежо, туку и да им веруваме? Борба со корупцијата и криминалот? Сериозно!? Нудат зелени градови? Тие нудат зелени градови со Скопје најзагаден во Европа? Нови инвестиции и работни места? Од каде инвестиции, од Белизе? Политики за младите? Кои млади, тие што ги избркавте од државава? …
Кое прашање и да го поставите драги мои, од било која област, ВМРО-ДПМНЕ нема да ви даде задоволителен одговор, ниту еден проблем не може да реши ВМРО-ДПМНЕ. Ако сакате пак и на надворешен план – не постои повеќе врата што е отворена за ова ВМРО-ДПМНЕ. Тие се изолирана, бедна багра, а не партија на која можеби единствено им остана подотворена вратичка кон Путин. Во ушите не само на домашната, ами и на светската јавност проблемот во Македонија се уште се вика ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа што верувајте, иако опозиција, ДПМНЕ се уште се дел од проблемот, не од решението. Тоа е едно усталено мочуриште од кое се шири реа. Тие се мртовец кој скапува и колку побргу го закопаме, толку подобро. Тие се зараза што се шири секаде каде што ќе допре. Тие се рак од кој мораме што побргу да се отарасиме и тоа со хируршки, со нож. Овие избори се локални, но во таа смисла тие се ножот. Ножот во нашите раце со кои треба да го отсечеме тоа канцерогено ткиво запиено на кожата на Македонецот. А верувајте, верувајте свесни сте и вие членовите и симпатизерите дека тоа е така, јас само гласно го кажувам тоа што сите вие си го шепотите. Затоа, во голем дел од оваа колумна, првенствено вам ви се обраќам. И вам ви олекна што повеќе не ја имате централната власт, зарем не, признајте!? И вие не можевте да ја издржите психозата што ја ширеше вашиот фирер! Знам дека и вие потајно се радувате на неговата демисија. Знам дека го посакувате конечниот пад. Дека тоа е така убаво ви говорат и празните штабови и изгубената мотивација и потрошената енергија… сè е некако зорле, зарем не? И покрај обидите за мотивација и покрај отворените повици за масовност…чувствувате дека „тоа не е тоа“, нели!?
Членови и симпатизери на ДПМНЕ, Груевски можеби уште има сила да уцени уште по некој, но не и сите. Дека ги малтретира, уценува и им гази на „опашките“ на неколкумина, говори и самиот факт дека скоро сите градоначалнички кандидати му се старите – нив се уште може да ги уцени за да прифатат кандидатура за нов мандат, кога никој повеќе не сака да му прифати. Но, не може сите да ве уцени, не може сите да ве заплаши, тој веќе нема сила…ослободете се, ослободете ја партијата од него, гласајте против него, не против вашата партија, или овој пат, воопшто не гласајте. На Македонија и треба нова, модерна и силна десница, не држете ја слаба долго време, само за тој да биде доволно јак за пазарење!
Впрочем, тој е веќе клинички мртов, сè што треба да направите е да ги исклучите апаратите, ако ја сакате сопствената партија, ако ја сакате сопствената држава. Тој чин во овој историски миг е врвен чин на патриотизам. Да се биде патриот на овие избори е лесно – не треба да се гласа за ВМРО-ДПМНЕ!