Ин Виница Веритас од 22 до 27 октомври
Виница, 12.10.2018
Фестивалот на хумор и сатира „Ин Виница Веритас“ по јубилеен, 25-ти пат и годинава ќе се одржи во Виница. Ова беше речено на денешната прес конференција на која за фестивалот говореа градоначалникот Ивица Димитров и Јовица Илијев, директор на Домот на култура „Тошо Арсов“ .
„Општина Виница во континуитет продолжува со презентација на културни содржини. Фестивалот за хумор и сатира е само продолжение на таквата наша културна политика и традиција. Ин Виница Веритас е единствен фестивал од таков вид во нашата држава кој е на интернационалната мапа на фестивали од ваков карактер. Тој е тука да не насмее, да не релаксира, а тоа така ќе биде и годинава“, рече градоначалникот Димитров.
На свеченото отворање на создателите на фестивалот ќе им бидат врачени посебни признанија. Нив ќе ги добија: Мирхат Јусрефовски, Благој Лазаров, кој во 1993 година беше претседател на Општина Виница, Миле Бојаџиски (постхумно), Иван Бојаџиски и Миле Ѓоргијоски. Признание ќе му биде врачено и на Ѓунер Исмаил, кој во времето на создавањето на фестивалот беше министер за култура на Македонија, и кој се избори во време на неговото министерување државата да дава најмногу пари за Ин Виница Веритас.
Јовица Илиев посочи дека Виница ќе има седум фестивалски денови.
„Ин Виница Веритас“ свечено ќе биде отворен на 22 овој месец со отворање на изложбата на карикатури пристигнати на конкурсот и со кабаретската претстава „Од две мајки браќа“ со Никола Тодоровски и Стрезо Стаматовски во двете улоги. Посебен белег на отворањето ќе му дадат признанијата кои ќе им бидат врачени на создателите на фестивалот. Тоа се Мирхат Јусрефовски, Благој Лазаров, кој во 1993 година беше претседател на Општина Виница, постхумно на Миле Бојаџиски, на Иван Бојаџиски, на Миле Ѓеоргиевски и на Ѓунер Исмаил, кој во времето на создавањето на фестивалот беше министер за култура на Македонија, а токму во негово време државата даваше најмногу пари за нашиот фестивал“, рече Илиев.
Согласно усвоената програма, во вторник на 23 овој месец во 13 часот ќе се одржи работилница под наслов „Театарски речник од деца за деца“, ќе биде отворена изложба на карикатури од Дарко Дрњевиќ, и ќе биде промовирана книгата „Трагачи по парадокси“ во рамките на интернационалната вечер на хумор и сатира.
Во среда, на 24 о.м.ќе биде прикажана театарската претстава „Кец на десетка“ на МНТ, во четврток на 25.о.м. публиката ќе има можнст да ја види претставата „Љубов под хипноза“ на аматерскиот театар Трјавна од Бугарија, на 26 ќе настапи Театар на комедија со „Дони Дарк“, а последниот ден, 27 о.м. е резервирана за комедијата „Мани, мани, мани“ на НУЦК „Трајко Прокопиев“ од Куманово.
Иако Фестивалот е со ново издание сепак влезниците се по стара цена од само 100 денари.