Ништо не е случајно под сводот небесен. Одамна сум напишал дека некоја космичка сила, таму горе, ги посложува коцките – овде долу. Зарем е случајно тоа што, во моментот кога Ленче и Фатиме му ја пееја песната на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, за процентите од “жутите”, тој тргна во обиколка токму на автопатите, неговите – капитални инфраструктурни зафати. Ленче со “наводни” аргументи – тој со “апсолутни” факти! Ленче вели купувале ниви и пасишта, а тој: Какви пасишта, какви бакрачи, купивме едно мало куќаре за штаб, ама дворот беше голем!?
Каков УЖАСНИОТ КРАЈ!Нема, случајности, драги мои, кај Создателот, па ниту со ГРУЕВ-ци. Уште пред стотина и кусур години, така беше предвидел, еден друг – ГРУЕВ Дамјан!?
Ленче и Фатиме во административните одаи на битолската болница ги проветруваа документите за можни криминали, тој долу, во дворот со Нино, набројуваше колку ветил, а колку ги “надградил и проширил ветувањата!:. Само што Ленче ќе зуцне нешто за капиталните промашувања на Нино – реформаторот во здравството, Груевски – оп: Ќе извезуваме изотопи, нема ништо подобро од Виена до Атина. “Види мајката!” – што не рече до Стамбол!? Кога ние танјуговците одевме “у Клубу книжевника”, кај Бода-Буда, тој “груевизираше”: Нема боље од Беча до Стамбола!”.
Груевски гротесткно, како во записите на еден Едгар Ален По, го трча својот почесен круг, во една своевидна претсмртна политичка агонија. Речиси е сам, или се натпреварува сам со себе.Неговите прескапо платени телевизии, во последен здив, известуваат дека пастирот насекаде стигнува прв!Или, барем Латас дознава прв! Токму како во илустрацијата за тоа како известува демократскиот свет, а како тоталитаристичкиот. Се натпреварувале Американец и Македонец. Грујо и Трамп Војводата! ЦНН известил дека Трампо “стигнал прв на целта”, додека Латас и Ивонка објавиле дека Грујо “го завзел ОДЛИЧНОТО – второ место”!?
Тоа е од спортот. Во делот на културата, ама баш Чеховлевси, ја заврши својата “лебедова песна”, додуша “Лабин и Дорјана” од нашиот Прокопиев. Со Елизабета Канчевска-Милеска во главната роља (Героски), иако, најдобро ќе им прилегаше шопениовиот Посмртен марш затоа што отворање на објектот на Филхармонијата, туку (Тричко добро забележа) последната песна, комеморацијата на ВМРО ДПМНЕ, со сите знајни и нејзнајни јунаци на купче, или, што би рекол мојот еднокраец Ставре-Велмешки: Сите ние лудаците на едно место!
Кај и да стапне Никола, тука се и “трите самовили”, само не оние од кавалчето на Лабин, туку од СЈО Катица, Ленче и Фатиме. Сполај ти Дамјане, после ужасот без крај, ете и ние да го дочекаме ужасниот крај, на еден ужасно лош политичар, “интелектуалец отприлеп”, од факултетот, на даскалите, кои го наполнија со толку мудрост и знаења, така што тој незнае денеска како да им возврати: Еден дипломатски мандат за амбасадорка – ќерка, или професорката – еден мандат за зетот- сопругот на ќерката! И така во недоглед! Тоа е оној, истиот прилепски даскал, кој на Црковно-народниот собор во пресветата и премудра “Света Софија” во Охрид, со соборници од ковот на Валентина Божиновска –Валето, го устоличи деда Стефана на црковниот трон! Е сега вие мислете те му ја зошто дедо Петар, е поголем политичар и од Груевски? Ја чувам снимката кога тој јавно, дедо Тимотеј – полугласно, се побунија за украдениот избор (така победуваат македонските демохристијани!?), за потоа Петре да ја свитка кичмата,за да може да пали и да жари – одоводе до Мелбурн, Сиднеј и Перт!
Па, сепак, и ова возлубено чедо на Бога, последната песна што ќе ја пее, ќе биде: Като мори Душманке ( Фатиме ако можеш!). Бедемот на Чафката лека-полека пука, остана само гранитната одбрана на зврлевистичкото обвинителство и сваровски-судството, со нивните Кафкијански процеси, ама кај да е и тие ќе ја свртат плочата. На Груевски ќе му остане само уште кантри музиката, како во онаа моја анегдота со американскиот професор од Кенектикат: Кога на некој балканец му објаснил во што се состои суштината на таа музика (“му избегале, кучето, мачето и на крајот сопругата!”) овој му вели: Дали ќе се вратат ако ја свртиме плочата!? Кај Груевски ниту ќе се вратат тие што го напуштаат, а незнам и дали ќе остене некој што ќе ја сврти плочата!?
Особено ако е точно она што ми го поткажува моето “врапче”, истото она, кое до часови го предвиде моментот на предавањето на мандатот на Заев, од страна на Хорхе -непопустливиот! Да, ќе виде изгледа неверојатно, но “Груевски и се е можно”, во овој “театар на апсурдот!”. Имено, кога ќе пукне и последната обвинителско – судска брана, на ќе остане само Нино, со неговите реформи.Една од нив, наводно се состоела во генијалниот изум: ДИЈАГНОЗАТА на примариус д-р Ставре: “Ние сме лудаци!”, да добие и своја АНАМНЕЗА! Наводно, за најтешките случаи, веќе била отворена историја на болеста – анамнеза, со податоци и информации за лудо-болните, која одавна се полнела со фиктивни прегледи и терапии, за во случај, ако попушти и бункерот во Јасен, да им се најдат пред судството и казнените установи! Да, да, делува морничаво, шашаво, ама некој мисли дека може еден ден и да профункционира! Секако доколку Заев на АНАМНЕЗИЈАТА одговори со АМНЕЗИЈА, ама тогаш наместо со штитот и копјето напред, ќе заврши на штитот и со половина копје!? Како што, исто ќе заврши, ако дозволи кабинетот да му го крои газда Штеки, преку голото газе-на еден Азе!?
Особено што и самиот Груевски, веќе ги покажува првите знаци на амнезија. Од толку ветувања, веќе ги измешал лончињата, ги подзаборавил роковите. А, и така, тој не е по датоуми,бројки и математики! Не се разбира од проценти, сака апсолутни бројки! Што има тука Миле Ми Текна да го гњави со процентуални провизии од “жутите”, треба точно да му каже – 15, или 18 милиони ( во евра!).
Деновиве, како некој главен инспектор на некоја осигурителна компанија, правејќи “опис и попис” на сработеното, во функција на родител кој на потомството му ги покажува спечалените меѓи (читајте авгиевите штали и потемкиновите села!), ја крстосува Македонија, за, на крајот, да се најде на вистинското место: Пред најдолгиот тунел во неговата Мафиодонија, на кој уште долго нема да му го видиме крајот и светлото на денот. Уште и во мојата (и на Ставрета, и на Илето, и на Гордето и на Трајкото!) Дебрца, кај Пресека.
– Ова беше и наше ветување кон граѓаните, а сега еве овој пат е веќе половина завршен – ќе забележи Груевски.Неговиот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски, поскромно, ќе рече дека завршена е изградбата на “речиси половина” од автопатот Кичево – Охрид, ама затоа Груевски, беше уште еднаш е прецизен: Изградбата ќе биде финиширана до првата половина од 2019 година. Го разбирам човекот, секому може да му се случи, при толку ветувања, да заборави дека, кога го удри темелниот камен, ВЕТИ: Првата половина на 2018!? Или уште попрецизно: Кога почна изградбата (22.02.2014) рече дека ќе заврши најдоцна за 4 години!!!
Затоа пак беше свежо меморичен, на наредната станица за тој ден – Специјалната ортопедска болница, „Св.Еразмо“, за да ни каже дека “привршува реконструкцијата на болницата”, дека “ќе биде готова до септември!” Сосе објектот на Дедо Стефан – Црквичето во кое ќе се молат богатите пациенти од Блискиот Исток (”здравствен туризам”!) Освен ако не мислеше на макетата, зашто зад кулисите на предната страна од објектот, се меткаат само двајца-тројца работници од вевчанската – од вујчето на Мукоски ”Виа Инжињеринг”!? Внатре, пак, зад кулисите, залихите на материјалите што се вградуваат во пациентите се сведени само на една недела!Важно, реформата на Нино “функционира”, иако изгледа шашаво, како со СМС пораките за “Мој термин”: При вакво реформирано здравство на Нино, забрзано на нарoдот му стигнува Последниот посетител, односно “ТЕРМИНОТ”, за последниот пат кон вечноста!?
Дури и тоа не е важно, најважно е што Пастирот е тука за последен пат да грмне од Охрид: Ветивме дека ќе се гради театар, конгресен центар и катна гаража……Случајно, или не, Груевски не го обиколи и затворениот спортски базен во изградба, за кој, кога го поставуваше темелниот камен, кажа дека ќе биде готов до летото 2018. Меѓутоа, од она што може да се види на теренот, процентот на изведените работи е минимален, практично – до нивото на земјата!
Можеби и затоа, јас се “самоповлеков” од дописничарството, затоа што дента, како новинар, не го чекав Никола на Имарет кај “Св.Климентовиот универзитет”, туку кај “современиот затворен пливачки базен”, во кој “ќе се капам” , ако ме поживи севишниот, веќе наредното лето!? Медиумите, пак, под Breaking news, објавија: Пензионираниот новинар Веле Митаноски, поднесе неотповиклива оставка од функцијата дописничар на Република Мафијадонија! Затоа што “ничим предизвикан” од граганинот Никола Груевски, претходно, тврдеше дека догодина (и со бројки) до 2018, охриѓани ќе се капет (заш така требит, оти ренде немет – базен имет!) во “најсовремениот базен на Балканите”!!!
Веле Митаноски