Испразнетото Беровско  езеро ги одбива туристите

 

23.11.2016

Беровската локална власт на чело со градоначалникот Драги Наџински и по четири години не раскрстила со непостојната дилема на што сака да го темели и така скудниот развој на Општината. Дали е тоа туризмот како гранка на надежта, или мало производство на струја кое го празни бисерниот украс на Малешевијата-Беровското езеро, а од што профитот оди само кај поединци.

И денес, во оваа доцна есен, езерото изгледа морничаво празно.

-„Оваа е една ужасна слика. Езерото си личи со вода, вода до врвот, а не само на дното. Дојдовме тука со сопругот и децата, прошетавме низ преубавата природа и кога спаднавме на крајезерската патека од глетката се стаписавме. Половина од езерото беше без вода. Таа глетка ги одбива туристите“, ни изјави скопјанката Милка Ристовска, која во сите четири годишни времиња за викенд го посетувала овој крај.

Езерото го празни мала хидроцентрала поставена на браната. Од централата рика вода која оди во коритото на Ратевска река низводно од браната.

„Овде доаѓаат и домашни и странски туристи. Вложивме добри пари, изградивме викендици покрај езерото, ги ставивме во туристичката понуда на Малешевијата, но преубавиот пејсаж кого го имавме со полното езеро и сега со празното корито не е ист. Малешевијата мора да си ги определи своите приоритети, дали ќе се развива во туризмот или со вакви авантури ќе си ја сече гранката на која седи“, коментираше Марко , чие семејство вложило во викендица на езерото.

Од локалната самоуправа летово ни рекоа дека Езерото не е во нивна надлежност, дека со него стопанисува Водостопанство на Македонија. Но, малешевци велат дека кога била носена одлука да се гради мала хидроцентрала градоначалникот требало да зна дека малку добива и губи сé и да застане на чело на отпорашката колона.

„Сите тие од локалната власт се слуги на партијата а не на народот. И затоа ни се случува сами да си го уништуваме највредното што го имаме“, прокоментира средовечната Елена Сирачевска кога ја прашавме за нејзино мислење во врска со овој случај.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе