И Кочани добива нова детска градинка

Кочани, 26.06.2019

По Штип, град во кој забрзано се гради нова градинка за 200 деца, наското и во Кочани, втор поголемина град во регионот, ќе започне изградба на нова детска градинка. Имено, деновиве, Министерството за труд и социјална политика писмено ја извести Општина Кочани дека ѝ одобрува грант за изградба на нова градинка во Кочани, за што  наскоро ќе биде потпишан договор.

– Општина Кочани ќе добие средства за изградба на нов објект на локацијата во населбата Драчевиќ, во непосредна близина на социјалните станови. Станува збор за модерна градба, проектирана од словенечки архитект, експерт за детски градинки –  известува градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Одобрените средства се по апликацијата која Општина Кочани ја достави на првиот јавен повик од Министерството до општините за аплицирање за грант за креирање дополнителни места во предучилишните установи преку изградба на нови градинки и преку доградби и адаптации на постојни објекти. Скоро една година се работеше на измена на урбанистичкиот план, за да се добие маркица за детска градинка. Во наредниот период се очекува Министерството за труд и социјална политика да го објави јавниот повик за избор на изведувач, по што ќе започнат работите на терен.

Потребата од зголемување на капацитетот на Детската градинка „Павлина Велјанова“ е изразена подолг период. Според директорката Едита Миткова на листата на чекање се наоѓаат околу 200 деца, така што новиот објект е добредојден за Кочани.

(љ.а.)

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе