И рудари заминуваат од државата
Радовиш, 11.11.2017
Од државава, во последно време, си заминуваат и рудари. Во потрага по поголеми плати одат во Германија, Австрија, Италија…Главно во развиените земји на ЕУ. Николајчо Николов, заменик генерален директор во рудникот за бакар „Бучим“ кај Радовиш и претседател на Македонската асоцијација за рударство стравува дека нашите рудници може да се соочат со недостиг од работници. Од друга страна, Максим Прохоров, директор за инвестиции и развој во рудникот за олово и цинк „Саса“ кај Македонска Каменица вели дека и кај нив минатата година имало мал одлив на електричари и машинисти, но во овој рудник поголем проблем било тоа што се зголемил бројот на рудари кои заминувале во пензија.
– Возачи на дампер и машинисти се тие кои најмногу го напуштаат рудникот и заминуваат на работа, главно во Германија. Привлечени се од поголемите плати и поспокојниот живот. Дамперистите во странство работат како возачи на камиони во меѓународни шпедиции каде платата е 1.500 евра. Ние сме свесни дека во прашање се платите кои во европските држави се поголеми отколку кај нас. Затоа во „Бучим“ од месец септември, годинава, ги зголемивме платите за десет проценти, а донесовме и одлука за уште десет проценти да ги зголемиме платите на вработени од почетокот на идната година. Со тоа просечната плата од 460 се зголемува на 550 евра. Цениме дека зголемувањето на платите за сто евра во овие три месеци ќе влијае на оние кои размислувале за одење во странство да се премислат и да продолжат да работа во нашиот рудник, вели Николов.
„Бучим“ настојува да ги задржи рударите со зголемување на платите за просечно 100 евра по вработен, што се случува во последните три месеци, а „Саса“ местата кои остануваат празни поради пензионирање на поголем број вработени ги надополнува со млади, школувани лица…
Николов оценува дека е одлична мерката на Владата за минимална плата од 12.000 денари, односно за нејзино субвенционирање. Според првиот човек на МАР тоа значи дека ние полека треба да ја напуштаме политиката на мали плати, на сиромаштија и штедење, што ќе било добро за сите во Македонија.
Максим Прохоров од „Саса“ тврди дека во овој рудник нема изразена ситуација на одлив на работната сила, иако поединечни случаи на напуштање на рудникот и заминување во странство имало.
-Минатата година имавме неколку поединци, стручен кадар – електричари и машинисти – кои заминаа на работа во Германија и во Италија, но пак да повторам тоа се поединечни случаи и не е нешто што загрижува. Кај нас поголем проблем е тоа што поради бенефицираниот работен стаж рударите порано заминуваат во пензија па ни е потребна нова, млада работна сила. Пред една година се пензионира поголема група рудари, а на годишно ниво просечно во пензија одат од 10-15 вработени чии работни места мора да ги пополнуваме. Пред пет месеци 25 млади, главно од Македонска Каменица, со завршено средно рударско училиште, електротехничари и машинисти, ги примивме на работа. Тие токму деновиве ја привршуваат обуката за безбедност при работа и ќе бидат новата квалификувана работна сила во „Саса“, вели Прохоров.
Во овој рудник работат 700 вработени, а просечната плата изнесува 540 евра.