И рудникот „Бучим“ е пред продажба
Радовиш, 13.02.2017
Единствениот рудник за бакар „Бучим“ кај Радовиш е пред продажба. Процесот треба да се заврши за најмногу еден до два месеци. Исток прес дознава дека во финална фаза се преговорите помеѓу сопственикот, руската компанија „Солвеј“, и компанија во сопственост на американски евреин која пројавила интерес за превземање и инвестирање во овој стопански капацитет.
Последниве месеци во рудникот доаѓале експерти на заинтересираниот инвеститор кои вршеле сеопфатна анализа на состојбата во која се наоѓа овој стопански капацитет од повеќе аспекти: техничко-технолошка опременост, рудни резерви, производни капацитети, состојба на хидројаловиштето….Дознаваме дека експертите биле исклучително позитивно изненадени од она кое можеле да го видат и констатираат во „Бучим“ во секој негов сегмент. Tie изразиле комплименти за раководството, стручниот кадар и вработените.
Од раководството на рудникот ниту ги потврдуваат ниту ги демантираат овие информации. Само ни беше речено дека тоа е работа на сопственикот.
Сегашниот сопственик на „Бучим“ , руската компанија „Солвеј“ исклучително квалитетно го управуваше овој рудник во изминатите 11 години. „Солвеј“ не жалеше да инвестира во современа флотација, најсовремена рударска опрема и машини, платите беа редовни, а 700 вработени си ги добиваа сите принадлежности согласно законите.
„Солвеј“ беше сопственик и на рудникот за олово и цинк „Саса“ кај Македонска Каменица, но сопственикот реши да го продаде. Купопродажбата се случи минатата година кога овој рудник беше продаден на Американски инвестициски фонд за сума од 200 милиони евра. Ако се следи аналогијата за можностите на едниот и на другиот рудник, може да се претпостави дека купопродажната цена на „Бучим“ би изнесувала помеѓу 60-80 милиони евра.