Скопје, 14.01.2023
Новата фабрика која ќе се гради во индустриската зона во Штип, а која директорот на дирекцијата на ТИРЗ зоните Јован Деспотовски ја најави пред десеттина дена како инвестиција на компанија од Северна Америка доаѓа од Канада. Оваа денес го изјави премиерот Ковачевски на прес конференција на која зборуваше и Деспотовски.
-Се работи за инвестиција вредна 40 милиони евра и отворање 600 работни места во Технолошко индустриската развојна зона во Штип. Фабриката ќе ја гради канадската компанија „Магна мехатроникс“ и во неа ќе се произведуваат компоненти за автомобилската индустрија. Канадската компанија ‘Магна интернационал’, која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи модули и компоненти кои се испорачуваат на сите најзначајни производители на автомобили во светот оствари стабилен раст на европскиот пазар и се појави потреба од нова фабрика на една од деветте групации“, рече премиерот Ковачевски.
КОВАЧЕВСКИ: „Верувам дека Северна Македонија може повеќе да напредува и да се развива и среќен сум што такви можности препознаваат и многу странски инвеститори и одлучуваат да инвестираат токму овде кај нас“.
Премиерот уште рече дека по спроведеното истражување на потенцијални локации за отворање на нова фабрика во Европа кое опфатило повеќе држави, компанијата одлучила да инвестира и да отвори фабрика во нашата земја на понудената локација во технолошко развојната зона во Штип.
„По отворањето на фабрика во ТИРЗ Струга за производство и склопување ретровизори, и други технолошки продукти за автомобилската индустрија, каде според бизнис планот на компанијата ќе се вработат илјада луѓе, во ТИРЗ Штип компанијата ќе отвори нова фабрика каде тест производството се планира да започне годинава, а сериското производство ќе започне во првата половина од 2024 година“, рече Ковачевски.
„Ова е ветување кое што го дадовме минатата година и го исполнуваме денеска“, рече Деспотовски и посочи дека извозот од ТИРЗ лани достигна 3,7 милијарди евра, односно е за 25 проценти повисок од претходно највисоката сума.
„Увозот расте, но со побавна динамика од извозот, така што 2022 година е завршена со нето ефект од 350-400 милиони евра позитивна разлика помеѓу извозот и увозот, пари кои што се останати во домашната економија. Според првичните пресметки, 40 отсто од овие средства останаа во Буџетот на државата и во џебовите на повеќе од 16.300 работници кои што се веќе ангажирани во компаниите кои што оперираат во ТИРЗ“, рече Деспотовски.
-Се работи за инвестиција вредна 40 милиони евра и отворање 600 работни места во Технолошко индустриската развојна зона во Штип. Фабриката ќе ја гради канадската компанија „Магна мехатроникс“ и во неа ќе се произведуваат компоненти за автомобилската индустрија.
Тој додаде дека обемот на државна поддршка се зголемува, а за секој денар дадена поддршка, во Буџетот се слеваат четири денари. „Тоа значи дека имаме зголемен обем на инвестиции, но и зголемен квалитет на самите инвестиции“, рече Деспотовски.
Премиерот Ковачевски порача дека во изминатата 2022 година компаниите во ТИРЗ ја завршиле со нови 2.300 нови работни места, над 430 милиони евра нови инвестиции и рекорден извоз.
„Верувам дека Северна Македонија може повеќе да напредува и да се развива и среќен сум што такви можности препознаваат и многу странски инвеститори и одлучуваат да инвестираат токму овде кај нас“, рече премиерот Ковачевски.
Инаку според податоците од интеренет страницата на ТИРЗ, зоната во Штип е најголемата зона со површина од 206.45 хектари. Лоцирана е северозападно од градот Штип, при влез од правец на Скопје. Во зоната активно оперираат три компании од кои две компании произведуваат делови за автомобилската индустрија, а една компанија произведува топлотни разменувачи за бојлери.