Премиерот Димитар Ковачевски попладнево преку Фејсбук се огласи во врска со францускиот предлог за тргање на блокадата на Бугарија за почеток на преговорите со ЕУ. Тој уште еднаш потврдува дека Владата на Република Северна Македонија формално нема добиено предлог кој е усогласен на ниво на сите 27 земји-членки.
Каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, Ковачевски посочува дека, за истиот да биде прифатлив за нас, клучни се неколку елементи. Како прво, чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет.
Како второ, историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка, пишува Ковачевски, но и додава дека преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот.
Уште еден клучен елемент, како што пишува Ковачевски, се цврстите гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија.
Ковачевски на крајот додава дека секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија.