КОНЗЕРВАТИВИЗМОТ ГО ПОБЕДИ “АМЕРИКАНИЗМОТ” ВО ВМРО ДПМНЕ!
Штип, 16.02.2019
(Акценти од сабајлешната колумна на Веле Митаноски Иреални сказни од реалниот живот: Министерката на СДСМ, Сиљаноска – кандидат на ВМРО ДПМНЕ!?
Гордана Сиљаноска и Влатко Ѓорчев се сушта спротивност. Но, дали е тоа само нивни личен, или е и партиски проблем, сеедно што професорката “слови” за надпартиски кандидат, а Влатче – чисто партиски. Според мене, разликите мегу нив, се и поширок – партиски проблем, линија на која ќе се делат ВМРО-вците. Но дали само тие, или, пак, “игранката” е малку поголема.?
Според мене, е поголема и оди дури преку големата бара! Можеби звучи претенциозно, но ете, скромно мислам дека денеска Мицковци ќе се делат на ПРО и АНТИ-Американци. Предвидувам дека ќе има и поголеми католици од Папата! Самиот Мицковски го ставам мегу вторите, го гледам како протеже на професорката Сиљаноска. Еве прилика да му ја одмерат, односно да му ја видиме силата.
Кога е во прашање Американизмот, на Влатчета и неговите Американци,не им одат во прилог, ако не научните прерогативи и портфолија на професорката Сиљаноска (редовен професор на Катедра за уставно право и политички систем), тогаш нејзините политички ставови и застапувања,последниве години, особено околу Преспанскиот договор и Законот за јазиците.
Иако, професорката, во своите настапи користеше, пред се, правни аргументи, особено за постапката во која, да речеме Законот за јазиците, беше донесен со европско знаменце, тоа нема да остане без трага. И од аспект на “Американофилството”, но и од аспект на „албанофобијата“ што, наводно, ја ширеше Сиљаноска – Дафкова, во што самиот не верувам.
За Сиљаноска, Преспанскиот договор е неприфатлив и покажува дека Македонија се ставила во подредена улога, во однос на Грција, дозволила да и се мешаат дрско во внатрешните прашања и дека ние ќе го изгубиме најважното – придавката „македонски“.
Ова не е без значење, кога станува збор за десничарското гласачко тело во партијата, кое нејзините ставови против законот за двојазичност и Преспанскиот договор, ги поздрави, а не е мал бројот на гласачите кои сакаат политичар кој стои зад националните позиции на Македонците.
Доколку Конвенцијата се определи за нејзе, односно, доколку мегу делегатите преовлада политичкото рацио, подоцна, при гласањето, доста од корпусот на непартијците, неутралните, особено неопределените (чиј процент засега е најголем!) би нашле уточиште и утеха, кај професорката.
Сиљаноска е прифатлива и за дел од интелектуалната елита, секако без Фрчковски(!), некои од “Куќата на бесмртните” (МАНУ ), но не треба да се потценува и бројката од членови и симпатизери на самиот СДСМ, кои не се водат од партиски директиви, а се разочарани од сите компромиси кои Македонија мораше да ги преземе на свој товар за да го одблокира евроатлантскиот пат. Самата Сиљаноска беше министер во првата влада на Бранко Црвенкоски.