Кочани, 10.04.2018
Кочанската локална власт превзеде голема градежна офанзива во поглед на асфалтирање на поголем број улици меѓу кои се и дел улици кои порано не биле во плановите за такво нешто.
Така, комуналното јавно претпријатие „Водовод“ наголемо работи на средување на водоводната мрежа на улицата „Стамен Манов“ во близина на Фабриката за вода, што претставува подготовка за асфалтирање на овој уличен крак со должина од 185 метри. Подготовка за асфалтирање со порамнување на теренот се врши и на 300 метри крак од улицата „Карпошово востание“ во населбата Усова Чешма.
На денешниот увид на работите што го направија градоначалникот Николчо Илијев, директорот на „Водовод“, Андреј Киров и стручни служби од Општината, беа соопштени претстојните инфраструктурни зафати што ќе се реализираат со средства од Буџетот на Општина Кочани.
„Како резултат на транспарентноста при реализацијата на јавните набавки за асфалтирање на улиците „Вера Которка“, (крак 2, 3 и 5), „Карпошово востание“, „АСНОМ“, потоа улиците „Скопска“, „Петар Синадинов“ и „555“во населбата Прокарка и улицата „Стамен Манов“ во Ромското Маало постигната е сума помала од планираните средства, со што се заштедени 6 милиони денари.Тоа дава можност за дополнителни градежни активности со кои ќе се овозможи асфалтирање на улицата „Кресненско востание“ во Усова Чешма и „Новопроектирана“ во Лесна индустрија – за што ќе бидат наменети 5 милиони денари. Се очекува во текот на оваа седмица за овие нови градежни активности да решава и Советот на Општината“, порача градоначалникот Николчо Илијев.
Со цел Општина Кочани да има готови проекти, за проектирање на нови улици ќе бидат наменети еден милион денари.
Влатко Димитров од Секторот за уредување на градежното земјиште во Општина Кочани, најави дека во претстојниот период ќе се асфалтираат улици и во селата Горни Подлог, Долни Подлог, Прибачево, Грдовци, Мојанции во Тркање, а ќе се работи и на пробивање и тампонирање на улици како подготовка за асфалтирање.
Имајќи ги предвид потребите од поправка на повеќе неодамна асфалтирани улици, градоначалникот Илијев истакна дека посебно ќе се внимава на квалитетот на изведбата.