Кочани, 26.07.2021
Општина Кочани доби максимална поддршка од програмата Општинско корисна работа. Од септември вкупно 24 лица ќе бидат вклучени во шест различни активности.
– Општина Кочани оваа година конкурираше со два проекта. Во првиот – „Поддршка“ побаравме тројца образовни асистенти во средно образование, осум негуватели на деца во градинка, тројца лични асистенти – негуватели за лица болни од алцхајмер, мултиплекс склезора и деменција, две лица како дел од тим за психосоцијална поддршка и уште две лица даватели на услуги во Центарот за донации. УНДП ги поддржа сите побарани лица – соопшти Аника Илијевска Ѓоргиева, координаторка на проектите.
Вториот проект – „Нега“ вклучува шест лица како негуватели на лица со попреченост. Тој е со целосна подршка од Швајцарската агенција за развој, а даватели на услуги се Роми и лица со попреченост.
Стручните служби известуваат дека новина во Општинско корисна работа од оваа година е што необучените даватели на услуга, треба да ја поминат обуката во рок од три месеци. Таа ќе биде овозможена и платена преку програмата, а веќе обучените ќе работат девет наместо шест месеци.
Огласите за работно ангажирање ќе бидат објавени на 3 август 2021 година, а обуката односно работата ќе почне од 1 септември.
Општина Кочани осма година е дел од програмата Општинско корисна работа, преку која се испорачуваат услуги за илјадници корисници од различни целни групи. Програмата е финансирана од УНДП, а поддржана од Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување.
(Љ.Ајтовска)