Кочани, 23.04.2021
По неколкугодишен застој, експлоатацискиот бунар за топла вода од системот за експлоатација и реинјектирање на „Геотерма“ е вратен во функција. Со спуштање на потопна пумпа со сила од 77 киловати, бунарот повторно ја вади топлата вода од геотермалното лежиште Подлог-Бања во Кочани.
– Моменталното статичко ниво во бунарот изнесува 71,5 м, а поради падот на статичкото ниво на аквиферот и големото динамичко ниво на тој бунар, кое изнесува 24 м, новата пумпа е спуштена на длабочина од 110 м – изјави Андреј Киров, директор на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“.
Со изградбата на системот за експлоатација и реинјектирање во 2008 година се изведе топлоизменувачка конструкција со енергетска трансформација на геотермалната вода. Бунарот овозможува експлотација на 350 илјади метри кубни вода на годишно ниво со температура од 72 степени Целзиусови. Замената на 1 метар кубен топла вода за 5,4 кг мазут претставува значајна енеретска заштеда со целосен еколошки ефект како на околината каде што функционира системот, така и со санација и баланс на геотермалниот потенцијал на самото лежиште.
Геотермалните води во Кочани се користат за загревање на три јавни објекти, на оранжериските комплекси и на приватни индустриски субјекти за затоплување на работните хали.
Вредноста на новата пумпа за експлотацискиот бунар е 5.710.000 денари, средства на КЈП „Водовод“.