Кочани, 09.01.2020
На покана на градоначалникот Николчо Илијев, денеска во Општина Кочани се одржа уште една работна средба со земјоделци, претставници на здруженија на оризопроизводители и на оризопреработувачки капацитети од Кочанско.
Средбата претставуваше продолжување на започнатите активности за анализа на актуелната состојба со пристапните полски патишта и потребните активности за нивно подобрување и дефинирање на потребните позиции за подобрување на каналската мрежа и за обновување на делови од системот за наводнување.
– Ние ги ставаме нашите капацитети на располагање и во наредниот период ќе можат да се прават увиди во плановите, но и на лице место со цел да се подобрат полските патишта и да се олесни транспортот на земјоделските производи. Исто така се ставаме на располагање на земјоделците за поддршка при аплицирањето по претстојниот повик од ИПАРД-програмата за земјоделска механизација, со приоритет за ролобалирачки и машини за сечење на сламата. Овие мерки имаат за цел да помогнат во искористувањето на сламата за потребите на Пречистителната станица за отпадни води и за намалување на спалувањето на стрништата – соопшти градоначалникот по средбата.
Разговарано е за нови мерки за поквалитетно собирање на сламата за потребите на пречистителната станица за отпадни води во Кочани.
Земјоделците ги образложија приоритетните полски патишта и сугерираа модели за соработка во прибирањето на оризовата слама, изразувајќи го притоа задоволството од начинот на комуникација со нив што го применува градоначалникот Илијев.
Директорот на Водостопанство „Брегалница“ Дени Митров и раководителот на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Горан Миладинов ја истакнаа подготвеноста за соработка во надминувањето на постојните проблеми со полските патиштата и со системот за наводнување.
Градоначалникот Илијев најави континуитет на средбите и разговорите за надминување на проблемите во земјоделството во Кочанско, како и состаноци со високи претставници од ресорното министерство.
Претставниците на стручните служби истакнаа дека 2019 беше есктремно сушна година, а во моментот браната Калиманци располага со 28 милиони метри кубни вода што е околу 23 % од вкупниот капацитет.