КОЧАНИ: Димитровски не сака трет мандат, но ако реши Партијата бегање нема.
Кочани, 21.08.2017
- Дали се работи за смислена „монтировка“ во случајот со вториот вемеровски кандидат Николчо Гоцев? Во Кочани и кочанско се смета дека СДСМ е на чекор од делегитимирањето на осумгодишната вмровско владение, но…
И во Кочани се разгоруваат муабетите околу можните кандидати за градоналник. Она што засега е сосема јасно е фактот дека најмалку осум лица чекаат на конечната одлука на своите партии, и дека меѓу тие осум нема ниту една жена.
Факт кој говори дека првата фотеља во Градот на оризот и понатаму е резервирана само за посилниот пол, а на жените кочански им останува домот, децата, семејството и работата која си ја работат.
Ратко Димитровски, актуелен градоначалник, Николчо Гoцев, директор на Водостопанство „Брегалница“, со Лазо Митев и Јордан Димитров како „посакувана листа“ се испратени до врвот на ВМРО ДПМНЕ за тој да го каже конечниот збор.
И СДСМ е во очекување кој од четворицата нивни партиски другари кои се на списокот на можни кандидати ќе ја добие довербата на членството да ја трча финалната трка за градоначалник.
-Изборот ќе падне помеѓу Ванчо Петрушевски, Ѓорги Алексов, Никола Илиев и Гоце Серафимов. Но, ние ќе мора да чекаме до петок, до кога е последниот рок за самокандидирање. Конечниот збор ќе го даде највисокиот орган на Општинската организација, ни изјави Сашко Костов, лидер на кочанските социјалдемократи.
Последните истражувања говорат дека во Кочани СДСМ е со реални шанси да го делегитимира осумгодишното вмровското владение. Осум години во овој град владее ВМРО ДПМНЕ, исто толку време Ратко Димитровски од оваа партија е градоначалник. Во градот се говори дека Димитровски ќе се бори за уште еден мандат, но тој тоа го демантира. Сепак, Димитровски не ја исклучува и можноста од нова борба со политичкиот ривал од СДСМ кој и да биде тоа.
-Лично не сакам нова кандидатура и нов мандат. Мислам дека за две години, заедно со Советот на општината, направивме многу за градот и општината. Но, не е само до мене, утре или задутре ќе биде познато што говорат анкетите за сите кандидати за градоначалници од нашата партија, па ако од централата одлучат дека јас треба да го трчам третиот градоначалнички круг тогаш тоа така и ќе биде, ни изјави Димитровски.
Меѓу вмровските кандидати е и Николчо Гоцев, актуелен директор на водостопанство „Брегалница“. Тој вели дека не е член на ниту една партија но дека ја има наклоноста на голем број гласачи, посебно од селата, по што оваа партија го ставила на списокот зашто земјоделците били нивната ударна подржувачка групација. Сепак, на Гоцев уште на стартот му се случи пех. Имено, неговата сопруга неочекувано Марија е назначена за шеф на Општинската изборна комисија, па поради постоење на судир на интереси тој не можел да биде конкурентен на политичкиот пазар во трката за градоначалник. Гоцев не сакаше да коментира дали тоа со неговата сопруга е „наместена работа“, односно дали другите конкуренти се уплашени од неговата популарност, но само потврди дека кај него постои сомнеж дека се работи за монтировка.