Кочани, 12.01.2018
Во општина Кочани е започнат процес на измена на Деталниот урбанистички план за градската четврт 9. Тоа е познатата населба Драчевик каде, со измените се планираат парцели за детска градинка и за училиште
Всушност, се работи за просторот во населбата Драчевик, што се наоѓа помеѓу улиците „Февруарски поход“, „Ѓорче Петров“, „1 Мај“, „Роза Петрова“, „552“ и Десниот магистрален канал, а зафаќа површина од околу 16,5 хектари.
– Генерално, намената е домување во индивидуални куќи, а се предвидува и локација за детска градинка и основно училиште, како и зелени, парковски површини за спорт и рекреација, вели Марија Салтирова Јовановска, советник во Одделението за урбанизам во Општина Кочани.
Во предложениот ДУП се вцртани околу 250 парцели кои се дел од проектот „Купи куќа за млади“, кој е финансиран од Министерството за транспорт и врски.
До 15 јануари планот е на јавен увид. Истакнат е на огласната табла на влезот на општинската зграда и е објавен на веб-страницата на Општина Кочани. Со пополнување на анкетни листови, граѓанитеможат да достават предлози и забелешки.
Анкетните листови можат да се земат од едношалтерската канцеларија или од веб-страницата на Општината или пак во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам. Во прилог на анкетните листови треба да се достави копија од катастарски план и имотен лист за парцелата на која се однесува предлогот или забелешката.