КОЧАНИ: Прекрасен мурал на зградата на „Водостопанство“

Кочани, 16.07.2020

Стилизиран приказ на оризово поле во перспектива, две раце кои се стремат да се допрат и типографија: „Солидарноста е лекот за јакнење на имунитетот“ е содржината на муралот на источната фасада на зградата на АД „Водостопанство“, подружница „Брегалница“ – Кочани.

– Централна тема е деталот со рацете од познатата слика на Микеланџело „Создавањето на Адам“ кој симболично е искористен во муралот и ја означува искрата на солидарноста, искрата на создавање појака заедница. „Водостопанството“ тука ја игра важната улога во спроведување вода за наводнување со што придонесува кон подобрување на земјоделството и здравиот живот. Оттаму поврзаноста на муралот со  „Водостопанството“ е многу силна и суштинска. Муралот има за цел да повика на основните вредности за зајакнување на заедницата, солидарност и здружување, а не поделба. Преку солидарноста се создава колективната свест, свест за себе и другиот, а тоа е единствениот пат кон подобрување на општеството. Односно насловот „Солидарноста го јакне имунитетот“ ја потенцира важноста на зајакнување на општиот имунитет, на единката пред сè, но и на заедницата – изјави за медиумите Ненад Тонкин, автор на муралот.

Овој мурал е дел од серијата на мурали кои се изработуваат во шест други градови во земјава и тоа во Штип, Прилеп, Велес, Гевгелија, Битола и Скопје, во рамките на 15. издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат.

– Иницијативата за исцртување мурали на јавни простори има за цел на креативен начин да зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци, туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фоскурираме во време на пандемијата со коронавирусот. Покрај тоа, оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство, нејзината естетика како и нивните последици во денешниот свет. Таа се манифестира преку креативни формати на акција – мурали, произведени преку активен дијалог и соработка помеѓу културните работници и организации во секоја локална заедница поединечно – соопшти Филип Јовановски од АКТО фестивалот.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе