Кочани, 25.05.2021
В среда, 26 мај 2021 година, со почеток во 18:30 ч. на Летната сцена на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани ќе биде прикажан филмот „Кралот“ (The King), посветен на светски познатиот музичар од Кочани, Наат Велиов.
Документарниот филм е дело на француската продуцентска куќа „Лумина“, работен по сценарио на Мишел Гуриери и Мари Наполи. Авторите го претставуваат Велиов како композитор и крал на ромската труба, кој ја наследил својата круна од долгата низа ромски музичари од Балканот. За неговата виртуозност напишале: „Со врвовите на прстите и со клиповите на неговата труба, тој меша култури, репертоари и музички стилови како никој пред него. Затоа светот му ги рашири рацете.“
Прикажувањето на филмот се реализира со средства од Програмата за култура на Општина Кочани, по иницијатива на кочанските уметници Ристе Ѓорѓиев и Орхан Ќамилов, а во соработка со Центарот за култура „Бели мугри“ и Ансамблот за традиционална музика и игра „Митко Алексов“ од Кочани.