Кочани, 16.08.2021
Бараките на тротоарот од левата страна на улицата „Тодосија Паунов“ се преместени, а просторот на старо-новото зелено пазарче кај Автобуската станица во Кочани се уредува и добива нов лик. Нефункционалните бараки, како и натрупаниот отпад и ѓубрето се отстрануваат со цел до неодамна напуштениот простор максимално да биде корисен, а пешачките површини слободни за непречено движење.
Градоначалникот Николчо Илијев смета дека содржините на овој потег од градот можат да бидат подобро организирани и распоредени, така што протокот на сообраќајот, а посебно движењето на пешаците по тротоарите да не биде отежнато или невозможно.
– Создаваме нов изглед на овој дел од градот. Граѓаните можат да се уверат дека со мали комунални интервенции ќе можат да пазарат подалеку од правот и чадот на автомобилите, а при продажбата ќе биде овозможен пристап за сите и обезбедена поголема проодност. Постојните тезги, кои се освежени и исчистени, ќе се дополнат со уште неколку, ќе добијат настрешница, а во околината ќе се постави урбана опрема и зеленило – соопшти Илијев.
Реорганизацијата на зеленото пазарче кај Автобуската станица и ослободувањето на јавните прометни површини од нефункционалните објекти е уште еден придонес кон изгледот и уредувањето на просторот од левата страна на улицата „Тодосија Паунов“, чиј коловоз и тротор се рехабилитира во должина од 960 метри.