КОЧАНИ. Стотина лица во самоизолација, доминантно вратени од Италија и Малта, кривични против две лица
Кочани, 19.03.2020
Точно 94 лица се ставени во самоизолација во Кочани. Дознаваме дека доминантниот број од нив се вратиле од работа во Италија и Малта.
-Главно се работи за луѓе што влегле во државава од земјите со висок и среден ризик, кои мора да ги почитуваат превентивните мерки од болеста КОВИД-19. ОВР Кочани поднесе две кривични пријави против лица кои не постапувале според здравствените прописи за време на епидемија, информира Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.
Денес е четврток, пазарен ден во Градот на оризот но пазарот денес беше затворен како една од превентивните мерки против корона вирусот.
Улицата „Гоце Делчев“ од мостот кај плоштадот до џамијата, невообичаено за четврток е празна. Празни останаа и тезгите за зеленчук и овошје на двете страни од Кочанска Река. Градоначалникот Илијев вели дека затворањето на Градскиот пазар е една од мерките што ја донесе Општинскиот штаб за заштита и спасување, за која Штабот смета дека е повеќе од корисна. Продавачите и купувачите ја испочитуваа и тоа е знак на нивната свест и одговорност во оваа вонредна состојба во која се наоѓаме, изјави градоначалникот.
Примената на мерките заради спречување на внесување и ширење на коронавирусот од страна на локалните институции е редовна. Синоќа, комуналното јавно претпријатие „Водовод“ вршеше редовна дезинфекција на улиците во Кочани и на стојалиштата за контејнери, а утрово јавните и најфреквентните површини во Кочани и непосредната околина ги миеше и Територијалната противпожарна единица. Сообраќајните инспектори вршат контрола на такси и јавниот превоз за редовна употреба на заштитни маски и ракавици и за дезинфекција на возилата. Мобилниот сервис за домашна посета и службите за социјална заштита од Општина Кочани досега опслужија четириесетина домаќинства за набавка за храна и лекови за болните, старите и изнемоштените лица.
Градоначалникот Илијев повика граѓаните да бидат совесни и да постапуваат одговорно кон своето и здравјето на другите и да ги почитуваат мерките и препораките од Министерството за здравство и Светската здравствена организација.
(Љ.А.-И.Б.)