Кој Груевски го трансформираше “мирното бубаче” од Охрид, Саше Василевски!?

Oхрид, 23.05.2017

Пишува: Веле Митаноски
Пишува: Веле Митаноски

Кој Груевски го трансформираше “мирното бубаче” од Охрид Саше Василевски, во она што го гледаме во собранискиот хол, пред главните влезни врати!? Саше, мојот лекар, специјалист-интернист! Саше – од семејство на лекар (исто така и мој) и партизански првоборец (со кого исто така, соработував!), Саше-зетот кумановски, од мојот драг пријател Лале, уште поблизок до братот ми Горан, поранешен управител во хотелите “Метропол” и “Белви” – Бог да им душа прости, што и двајцата ни заминаа прерано! Саше, кого во политиката, ама, баш, без никаква потреба, го внесе Зинго, македонскиот Фикрет Абдиќ., каде беше претседател на младината.

Од мене почитуваниот д-р Саше (да не грешам душа и тој го почитуваше многу чичко Веле), кој во имотниот лист има напишано дека има 3 куќи, распослани на аголот од две улици  во Охрид! Ова го кажувам како хвалоспев, како признание, за неговите родители, а не дека е нешто нечесно сработено! Од каде потребата, мојот Саше, да влегува во канџите на политиката, кога мене може да ме купи (во парична смисла!) сосе креветите, не еднаш – туку сто пати!? По некој пат си помислувам, не тврдам и не сакам да верувам, дека, можеби, и пратеничкиот мандат го купил, штом сега, без никаква потреба, на ваков начин го “брка ѓаволот, да го фати за опашката”!?

Што го тераше да се врати назад, од интернационалниот пат, преку Лајонсите – не им ги знам титулките и внатрешниот ред, ама, лично, од него сум слушал за високиот ранг – од овде до Вашингтон!? Уште вечерта, на 27 април, напишав, дека сум во шок и неверување – за Саше, а за оној што мука од Вевчани, можев само да претпоставам дека ќе биде меѓу првите “војводи”, кој ќе го завие во срам, чемер и јад, моето сакано Вевчани – од денеска па наназад – се до опеаниот Ставре војвода и уште поназад – до Алулета, со нарамникот, натоварен со дел од Александриската библиотека!?

Оној, другиот, пак, воопшто не ме шокираше и не ме изненади, оној, де, лекарот и “прв човек на здравството во Охрид”, за кој дури синоќа разбравме дека “залутал во собраниските ходници”, се “вртел во круг околу својата замислена оска”, не знаел “каде му била главата” (завршен цитат-Мукоски)! Сега нема да знае и опашката каде му е, зашто и тој го фати натемагото, нечестивиот – за опашка!

Го завршив цитатот на оној што мука од долот Вевчански, сега да го завршам текстот со одговор на прашањето: Кој Груевски го трансформираше Сашета? Никола, или оној другиот Груевски од ДБК, кој веќе се влечка по судовите, е на боледување, а во Охрид доаѓа и натаму со службеното возило, паркирано пред куќите на Саше, како негов прв комшија?

Или, најверојатно, и двајцата – по малку!!!????

 

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе