Утре доаѓа еврокомесарот Јоханес Хан, партиите ги зацврстуваат своите бусии. Во парламентот треба да се помрдне закоченото доконституирање со избор на претседател, претседателот Иванов собра нешто нови “демократски искуства” кај Алиев во Азербејџан, додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, му плесна “во брадата” на Хан дека тие, таму некаде “на гнилиот запад”, на Македонија гледаат како на “непланирано вонбрачно дете!. Во моето Црвена Вода, велеа – копиле! Уште и додаваа: Придржи ми го копилево, да и се вдадам на копиљанкана!?
Хан уште од Брисел кажа дека доага да го поттурне процесот на мирна транзиција на власта, а Груевски му кажа, ако му се тоа намерите, подобро и да не доага, затоа што ќе го дочека “уште поголема масовност на протестите!”.
Ако “ВМРО-ДПМНЕ го нема мнозинството во парламентот сам да ја одбрани тогаш народот ќе треба да ја одбрани државата”, вели Груевски во наменското интервју за Канал 5. “Ако народот остави овој човек”, што се вика Зоран Заев и кој има легално и легитимно мнозинство во парламентот, “да го истера својот план, тогаш државата ќе ја снема“ – рече Груевски .
Со други зборови, нема мандат, нема парламент, нема влада, нема мирно предавање на власта, има само народ! А, кога сето тоа го нема – има само безвластие! Снежана Коневска Руси и “твредокорните”, веќе се позиционираа пред седиштето на ЕУ во Скопје и побараа средба со Хан. Tие се “институцијата и факторот” со кој треба да се преговара! Јасно како ден-црно како ноќ! Претчувствата, особено лошите, се знак Божји, ама доагаат од густа, црна шума! Тешко на оној (оние) кои нема да ги препознаат навреме!?
Целата моја уметност, не вреди колку еден загубен детски живот, беше рекол славниот француски сликар. Што ќе му е на човек да го добие светот, ако ја загуби својата душа (пасус од Библијата – Матеј 16:26)
Ако и воопшто помогнат, ќе споделам два странски, демократски искуства, што значи тоа – мирна транзициоја на власта. Републиканскиот сенатор Џон МекКејн, откако ја изгуби трката со својот претседателски конкурент,од Демократите, уште истата вечер, изјави: До вчера тој ми беше политички конкурент, од вечерва е тој мој претседател!
На последните избори, после целата недолична претседателска кампања и личните навреди од страна на Доналд Трамп, од Републиканците, кандидатот на Демократите, Хилари Клинтон, заедно со својот сопруг, поранешен американски претседател, како да не било ништо, мирно отидоа на инаугурацијата на Трамп. Во името на мирната и цивилизирана транзиција на власта, во името на демократијата, американската нација и како израз на лично достоинство и самопочит.
Вообичаено е да се каже дека времето ги лечи сите рани! Но, времето може и да не лечи ништо. Можете 10 години да правите нешто погрешно, но тоа не може да се спореди со една добра работа, што ќе ја направите само еден ден. Никогаш не е доцна да се остави првиот впечаток!
Од што произлегуваат конфликтите? Се работи за тоа дека лугето навистина не се разбираат мегу себе.Штом еднаш ќе се разбереме, ќе ги запознаеме подобро лугето и ќе знаеме што им лежи на срце, бојата на кожата нема да има никакво значење (порака од филмот “Сакана” – приказна за ропството во Америка на Опра Винфри.
Во повеќенационалните државни заедници, положбата на најбројниот народ е истурена и боде во очи. Предизвикува подозрење и страв кај помалите. Паметно е најголемите да се прават мали и да дозволат помалите да се чувствуваат рамни на најбројните.За Бизмарк се вели дека Германците ги направил мали, ама затоа Германија е направил голема!
Омразата ја храни одмаздата, простувањето не ослободува од омразата! Да се прости не значи да се заборави.
Сокривањето на трагите од едно злосторство е често потешко и од самото злосторство! Доколку сакаш да ги видиш националните интереси на светлото на денот, треба да ја почитуваш историјата и националните интереси и на јавната благосостојба. Се му даоага навреме на оној кој умее да чека. Во секој почеток е крајот и во секој крај се рага нов почеток.
Велат дека добриот татко попрво би загиналод меч, отколку да ги покаже раните! Животот личи на роман во продолженија, пишува Орхан Памук во “Црна книга”.
Фројдовскиот восклик на Греуевски за “вонбрачното дете”, упатно е да се поткрепи со самиот Сигмунд Фројд: Само оној кој бил најголем грешник може да го достигне највисокиот степен на моралноста!
Нашите чувства се бојното поле на нашите души. Стравот е се-од насилство до злоба.Стравот е спротивност на љубовта!
Стравот и злобата, редовно ги мешаат лончињата на разумот, што може да се види од поведението на новинарите од ТВ Нова, пред Апелацискиот суд! Спиновите се доведени до апсурд. Она што Латас мисли дека е новинарски триумф, нема ништо повеќе од обично лично перчење и “фамилијарна” одбрана на криминалот. Понекогаш самодовербата, особено ако е лажна и наместена, може да личи како паталошки нарцизам! Хипокризија: Денес бакнежи, утре бодежи!
Пи-Би-Ес со докумантарецот “Купување на војната” покажа како мејнстрим медиумите ја напуштаат својата улога на (кучиња) чувари и стануваат миленичиња на една неуспешна политика, која чини илјадници американски и ирачки животи.Има ли смисла, има ли надеж ова да им се кажува на “Куририте”!?
Гласината е шупелка на која свири сурово чудовиште со безброј глави, напиша Шекспир, додека неговиот сонародник, државникот и наш колега Винстон Черчил, предупредуваше: Лагата може да го прелета целиот свет, пред вистината да си ги облече пантолоните!
И ако, вопшто, остана нешто од надежта која, нели, последна умира, тогаш нека биде правда, макар и целиот свет пропаднал (Fiat institutia, et pereat mundus).
Веле Митаноски