Штип, 23.03.2018
Синоќа во изложбениот салон на Домот на култура „Ацо Шопов“ во Штип беше отворена ликовна изложба на акварели. Изложени се стотина слики од приватната збирка на штипскиот уметник Боре Минов. Убавиот културен настан беше во чест на 22 март, Светскиот ден на водата.
„Една ТВ реклама со нашиот познат спортист Кире Лазаров вели дека човековиот организам непречено функционира само со 7о проценти вода во себе. Истовремено од Обединетите нации постојано потсетуваат дека водата е основата на постоењето на животот на нашата планета . Акварелот е сликарска техника во која покрај бојата, пигментите сврзани со гумарабиката значајна улога има и водата“, рече м-р Трајче Кацаров кој го отвори овој настан.
На отворањето на изложбата присуствуваа и ликовните уметници Мите Павловски, Нада Накова, Лена Ѓуриќ и Петар Колев чии акварели се меѓу изложените дела. Изложбата на акварели може да се погледне во следните десет дена.