Малец, македонскиот Eсенин, ја промовира четвртата збирка поезија

Штип, 12.04.2018

Ристе Јованов-Малец, штипјанец, поет, денеска ја промовира својата четврта книга поезија под наслов „Проѕирни слики и сенки движни“. Убавиот културен настан се случи во спомена собата на поетот и револуционер Ацо Шопов, во Домот на култура кој го носи неговото име.

Актерот Милошевски чита песни од Малец
Актерот Милошевски чита песни од Малец

Малец, кој уште е нарекуван македонски Есенин,поради специфичноста на неговата бунтовна, социјална поезија во книгата се претставува со 52 песни и32 минијатури, вистински поетски бисери.

 Малец на говорница
Малец на говорница

Ако Есенин во Петроград со групата која се именувала како „поети од селото“ своите песни не ги рецитирал, туку ги пеел во придружба на звуците на гитарата и на хармониката, така и песните на Малец беа претставени пред бројната публика во придружба на гитарата на маестро Бошко Симоновски и со прекрасната интерператција на стари македонски песни на Мирче Кикиритков. Песните на Малец мошне инспиративно ги читаше актерот Страшко Милошевски а за најновото поетско дело на Малец говореше писателот Трајче Кацаров.

Кикиритков и Симоновски
Кикиритков и Симоновски

„Малец во своите стихови ни го потврдува она кое Сатин во пиесата на Максим Горки „На дното“ ќе го каже – „Човек, колку тоа гордо звучи“. Нашиот народ би рекол – Ристе се бори и со раце и со нозе да остане човек, но не како што го создава социјалната средина, крутите норми на животната заедница, правилата што го пеплосуваат, туку слободен, како што се друго е слободно, а е рожба на природата мајка“, рече Кацаров.

Долго време по завршување на промоцијата Ристе Јованов-Малец ги потпишуваше своите книги за кои штипјани пројавија посебен интерес.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе