„Мајкрософт“ најави дека во текот на наредните неколку години ќе инвестира повеќе милијарди американски долари во вештачка интелигенција, додека го проширува партнерството со „ОпенАИ“, пренесе Би-би-си.
„ОпенАИ“ е креатор на чет-ботот ChatGPT и популарната алатка за генерирање слики Dall-E.
Претходно, во 2019 година „Мајкрософт“ инвестираше една милијарда долари во компанијата основана од инвеститорот Сем Алтман и милијардерот Илон Маск.
„Мајкрософт“ неодамна најави дека планира да отпушти околу 10.000 работници, но од компанијата велат дека сепак ќе продолжат со вработување во клучните стратешки области.
Во меморандум споделен со персоналот минатата недела, извршниот директор Сатја Надела напишал дека „се раѓа следниот голем бран на компјутерство, со напредок во вештачката интелигенција“.
Објавувајќи го продолженото партнерство со „ОпенАИ“, од „Мајкрософт“ велат дека веруваат оти вештачката интелигенција ќе има влијание на големината на персоналниот компјутер, интернетот, мобилните уреди и клауд-платформите.
Инаку, технологијата зад ChatGPT ја следат шпекулации за потенцијална злоупотреба, преку помагање на студентите да мамат на испитите и пишување малициозни софтвери, но сè погласни се и сугестиите дека технологијата има потенцијал да направи револуција во многу индустрии, вклучително и пребарувањето на интернет.
„Њујорк Тајмс“ претходно објави дека Гугл го крена алармот поради стравувањата дека технологијата може да им овозможи на конкурентите да влезат во бизнисот на пребарување вреден 149 милијарди долари.
„Мајкрософт“ го поседува пребарувачот Бинг, кој, иако заостанува зад Гугл, би можел со помош на ChatGPT да претставува сериозна закана за лидерот во индустријата на пребарување.