Месната индустрија бара увоз на 6.400 тони замрзнато свинско месо, во спротивно драстично ќе се покачи цената на месните производи
Скопје/Свети Николе, 22.03.2021
Ако Владата за најмногу еден месец не ги врати редовно одобруваните количини од 6.400 тони за увоз на замрзнато свинско месо месната индустрија ќе биде присилена драстично да ги зголеми цените на месните производи.
Ова денес беше речено на прес-конференција на Групацијата за производство и преработки на месо и преработки од месо при Стопанската комора.
Гоце Трајчев, претседател на групацијата рече дека покрај зголемувањето на цените на месните производи кое немаа да биде мало, за очекување е и згаснување на дел од преработувачките капацитети, а тоа ќе значи губење на драгоцени работни места..
-Засега такво нешто не се предвидува, а ако се исполни барањето на преработувачите отпуштања нема да има, а сите вработени ќе бидат задржани на работа. Треба да се знае тоа дека месната индустрија не бара субвенции од државата, туку изедначување на условите за стопанисување, со оглед дека оваа суровина целосно ја увезуваме од ЕУ каде нема царина. На тој начин, домашната месна индустрија ќе може да опстои и да го задржи постоечкото ниво на производство, нема да има отпуштање на вработените и не би биле на товар на државата, истакна Гоце Трајчев.
Минатата недела групацијата поднесе барање до Министерството за економија за враќање, односно за ослободување на скратените количини од последната мерка на Владата за укинивање на царинските давачки на замрзнато свинско месо за преработка. Целта на барањето е да се вратат редовните количини кои во регуларни услови на стопанисување и беа одобрувани во изминатите три години, а во октомври 2020 година беа преполовени на 3.200 тони, иако беше измината скоро една година од појавата на пандемијата.
-Апелите за стимулирање на домашната потрошувачка преку пакет-мерките донесени од страна на Владата делумно ја одржаа потрочувачката, но се далеку од доволни за да може месната индустрија во земјата да продолжи да опстојујва. Досега домашните производители на месни преработки не бараа никакви субвенции, ниту има користено некој од пакет-мерките, а помагаа за решавање на проблемите на домашните фармери – производители на свинско месо преку откуп на целиот вишок што го има на пазарот. Доколку не се одобрат количините кои и претходно беа одобрувани и тоа навремено, односно за помалку од еден месец, може да случи пропаѓање на уште некој капацитет од месната индустрија. Индустријата користејки ја оваа мерка од 2018 година наваму, соодветно одговори на увозот на готови роизводи од странство преку негово намалување за над 28 отсто или од 13 милиони килограми во 2017-та на 9 милиони во 2020 година. Притоа, дел од капацитетите остварија и извоз во земјите на ЦЕФТА, истакна Трајчев.
Месната индустрија во февруари побара од Владата со петтиот пакет антикризни мерки да ги врати картичките „Купувај домашно“ за граѓаните да ја трошат државната помош на домашни производи.