Делчево, 18.06.2018
Пехчевката Моника и штипјанецот Иле Гоцевски се младите кои на стар автентичен начин ќе ја крунисаат својата љубов во рамките на 12-то издание на културната манифестација „Пијанечко-малешевска свадба“. Од осум пријавени парови, Комисијата задолжена за избор на брачен пар ги одбра пехчевката Моника со моминско презиме Параскова и штипјанецот Иле Гоцевски. Тие денес ги потпишаа договорите за учество на манифестацијата која прерасна во туристички бренд на Истокот.
-Голма чест и задоволство ни е што токму за 12 „Пијанечко- малешевска свадба“ како пар сме изберени ние со мојот сопруг. Пресреќни сме, желбата за таква свадба е уште од детство. Сакам да изразам голема благодарност до организаторот. Чест ни е што токму на традиционален начин ќе се претставиме и ќе се одбележи нашата свадба, рече невестата Моника Параскова- Гоцевска.
Моника и Иле минатата година склучиле граѓански брак, а желбата им е да бидат главни ликови на традиционалната свадба.
-Бевме на листата за чекање. Оваа година не одбра организаторот заедно со Министерство за култура да бидеме ние младоженците на оваа манифестација. Среќни сме што ќе дадеме придонес за зачувувањето на нашата македонска традиција. Јас, сум по потекло од с.Панчарево, така што сум многу среќен што сопругата ми е од Пехчево, едноставно, ја обожавам оваа Малешевија, истакна младоженецот Иле Гоцевски.
Покрај 12 „Пијанечко-малешевска свадба“ во предвечерието на манифестацијата ќе се одржи и 42 Меѓународен музички и фолклорен фестивал. Зенил Реџепов од КУД „Гоце Делчев“ и координатор на проектот истакна дека оваа година на „Пијанечко- малешевската свадба“ и на Меѓународниот фестивал ќе учествуваат 15 групи од Македонија и 5 групи од странство.
Главната имплементација на „Пијанечко-малешевската свадба“ е на 8 септември 2018 година.