М.КАМЕНИЦА: Британскиот пратеник за трговија за Западен Балкан Мартин Викерс во посета на САСА, рудникот годинава во развојот вложува 25 милиони долари
Македонска Каменица, 17.02.2022
Специјалниот пратеник за трговија на британскиот премиер Борис Џонсон за Западен Балкан, Мартин Викерс го посети рудникот за олово и цинк САСА, каде помеѓу останатото имаше можност да се запознае со новите инвестициски и развојни проекти во САСА, како и со континуираните вложувања на рудникот во реализацијата на голем број општествено одговорни активности и проекти за поддршка на локалната заедница.
„За САСА, како дел од компанијата Центар Азија Металс, чие седиште се наоѓа во Лондон и која котира на AIM пазарот на Лондонска берза, оваа посета на висок претставник на британската влада е многу значајна. Ние сме среќни со широката поддршка што ја добиваме, а која треба да ни овозможи полесна и побрза реализација на нашите капитални инвестиции во натамошна модернизација на рудникот и продолжување на неговиот работен век, што секако ќе донесат придобивки за сите засегнати страни, за инвеститорите, вработените во САСА, како и за луѓето од локалната заедница и земјата во целина“, изјави директорот за одржливост на САСА, Ивица Талевски.
Во поддршка на локалната заедница рудникот секоја година вложува до 300.000 евра.
Во рамки на посетата, тимот на САСА, на високиот британски функционер му го објасни значајниот проект за капитални инвестиции чија реализација е во тек. Со него приближно 25 милиони долари ќе бидат вложени оваа година во САСА кои ќе обезбедат во иднина рудникот да користи поефикасни рударски технологии кои ќе го оптимизираат производството и ќе овозможат ископување на руда на уште побезбеден и еколошки прифатлив начин.
Дополнително, тој беше информиран и за Фондацијата за поддршка на одржливиот развој на САСА која секоја година вложува и до 300.000 долари во поддршка на локалната заедница, особено во областите како што се: образованието, науката, животната средина, здравството, спорот и поддршка на ранливите социјални групи.