Наградата „Струшко изгрејсонце“ за Билјана Станковска
Струга, 17 август
Традиционаланата награда “Струшко изгрејсонце” која се доделува за книга за деца и млади од македонски автор, годинава ја доби писателката Билјана Станковска за книгата “Кој ги краде соништата”, во издание на Издавачката куќа “Феникс” од Скопје.
„Кој ги краде соништата“ е продолжение на романот „Вистинска приказна за исчезнувањето на приказните“. Таа е инспирирана од динамиката на современото живеење, кога компјутерите и севкупната електроника полека ни ја потиснуваат фантазијата и желбата за креативно изразување.
Романот е исклучителна приказна што ја поттикнува имагинацијата, но и не води по работ на опасностите и предизвиците на современиот живот што, неминовно, дава можности за многу сознанија, но може и да ни го одземе основното – сонот и желбите. Затоа, не станува збор само за приказна преплетена само со фантазија, ниту за бурлескни авантури, ова е книга со имплементирана порака за целото семејство.
Билјана Станковска (1951), автор е на делата: „Кој ги краде соништата“ (роман за деца), 2016; „Кога ветровите стивнуваат“ (роман), 2015; „Сега сè е поинаку“ (збирка раскази), 2014; „Вистинска приказна за исчезнувањето на приказните“ (роман за деца), 2011; „Реставрација на светлината“ (поезија), 2009; „Замисли желба“ (роман), 2008; „Мед и ѕвезди“ (драмска трилогија), 2006; „Лето значајно како изгрев“ (роман за деца), 2002; „Разговорливи ветрови“ (роман), 2001; „Сказни и сторенија за поколенија“ (поезија за деца), 1999; „Светлиот пат“ (поезија), 1996; „Миг за пресоздавање“ (поезија), 1995; „Заробен сон“ (раскази), 1993; „Светлооко небо“ (поезија за деца), 1990; „Ограничен простор“ (поезија), 1983.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1994 година.
Наградата Струшко изгрејсонце ја доделуваат Издавачката куќа Феникс и Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација “Македонија презент” од Скопје.
Ддосегашни добитници на наградата се писателите: Киро Донев, Панде Манојлов, Петко Шипинкаровски, Добре Тодоровски, Трајче Кацаров, Васил Тоциновски и Ели Маказлиева.
Веле Митаноски