Кочани, 15.08.2018
Напорите на градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев за финансиска поддршка и реализација на приоритетите за развој, даваат резултати.
Обезбедени се близу 87 милиони денари од Јавното претпријатие за државни патишта за рехабилитацијата на постојниот коловоз на дел од патот Пониква – Кочани.
Градежните работи ќе се одвиваат на потегот од паркингот на Пониква надолу во должина од 10,4 километри. Со постапката по јавниот оглас за поправка и рехабилитација на државни делници објавена од Јавното претпријатие за државни патишта, за изведувач на делницата Пониква – Кочани е избрана компанијата „Ексаватори“.
Поправката на оваа суштинска туристичка делница за Кочани дојде многу бргу по посетата на министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, кој најави дека за Кочанскиот регион во наредниот период е предвидено да се вложат 70 милиони евра
„Препознавајќи ги потребите на граѓаните, направивме големи напори за поддршка на туристичкиот развој на овој крај. Задоволен сум што обезбедивме средства да се поправи најоштетениот дел од патот Пониква – Кочани, на кој не е интервенирано откако е изграден на крајот на седумдесеттите години. Пониква е спортско-рекреативен центар на Истокот на Македонија, од кој треба да создадеме привлечна туристичка дестинација, а патната инфраструктура е еден од главните услови за тоа“, вели градоначалникот Илијев.
Поправката на оваа суштинска туристичка делница за Кочани дојде многу бргу по посетата на министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, кој најави дека за Кочанскиот регион во наредниот период е предвидено да се вложат 70 милиони евра: за реконструкција и на дел од патот Кочани – Пониква, за изградбата на експресниот пат Штип – Кочани, како и за обиколницата кај Кочани.