На времето, кога си ја имавме “калимерата” со Бранко-та наш, Црвенкоски, кој понекогаш знаеше сурово да се помајтапи (“го гледаш Веле, акреп, а за него охригани велат – убав чоек!?”), знаевме и ние да му возвратиме. На пример, на тема: НАТО. Односно зошто не не примаат во НАТО?
– Е,з,ш не не примаат бе “убав”?
– З,ш така треебит,бе принцу!Затоа што сме од Дебрца, ти од Слатино јас од Црвена Вода.
-Е, ајде објасни како?
-Еве вака:
Го прашува Бранко Црвенкоски, татка си Љубета (Бог да му душа прости си бевме блиски пријатели: Тој кај мене во Црвена Вода (дури и предавателен пункт изградив-за ТВ сигналот на Велија и на Зинго да стигне до Слатино!), јас кај него во Слатино. Од домашната ракија што му ја дававав, потпивнуваше понекогаш и Бране!
Е, што го прашува? Му вели вака:
– Татичко,бе,тато, зошто не не примаат во НАТО?
-Е, дете татино, затоа што сме од Слатино!!!!
Но ето, бидна, или ќе бидне и НАТО, а јас за Бранко,Веле…
Ами Зоран, Рада, Оливер, Бујар….
(одовде надолу ќе бидам сериозен!)
Ниту случајно, не го запоставам, односно не ја намалувам џиновската улога на Заев, кој, впрочем, плати и со својата крв, ако напишам, дека денешниот ден во Брисел, за Република Македонија и нејзините граѓани, е еден долг процес, една успешно завршена приказна. Ова е прилика да се потсетиме и на придонесот на претседателот Киро Глигоров (ве молам отфрлете секаква асоцијација!), кој, исто така, плати со вдлабнатинката на челото, под белиот прамен од својата коса. Тој прамен јас го доживував како патоказ по кој треба да газиме, од моментот кога на бившата ЈНА и кажа: “Вие само заминете, сосе сето вооружување и сосе штекерите кои ги корнете од касарните, а ние ако треба и со сиктер-кафе ќе ве испратиме”!!!
Знам доста самиот, како новинар, на моето Супер Радио, ја открив и објавив тајната средба Глигоров-Милошевиќ во Охрид, за што од Фран прес бевме почестени со: “Малиот ББЦ од Балканот”, знам од директно кажување на самиот Глигоров (бевме семејни пријатели), за подоцнежната тајна посета кај него во Охрид од страна на балканскиот бос од Софијa (истиот оној, кој заедно со некои мои охриѓани, со парите-имотот на вработените, ја “купија” целата “Инекс Горица” – сосе хотелот “Македонија” во Цавтат!!!), но,сепак, не доволно за да донесам конечен заклучок за атентатот, иако сум слушал, од поинформирани од мене (разговорот со Тома Фила: “Атентатот беше дворски!”, во ” Утрински весник “), како што знам дека неговиот син Владимир (живее во Виена, а сум другарувал со ќерка му Донка), не беше среќен што татко му стана претседател, дури и тврдеше дека Киро знае, но не сака (или не смее!) да каже кој му ја разнесе главата!
Да, да, не треба да го заборавиме и Бранко Црвенкоски (самиот бев дел од делегацијата во Даблин кога ја носевме Апликацијата).
Веќе напишав: Вчерашниот ден, лично го одбележав, со обелоденување на разговорот со Геро, кога ми се јави, за да ја прекине соработката со “Слободен печат”(за аргументите негови му реков: Геро не си искрен, јас сум информиран човек!),уште и му додадов: Кај тебе заработував 10.000 денари месечно, а од денеска натаму ќе заработувам по 1000 евра месечно.
Доказите му ги приложив синоќа на Фејсот!
Ете зошто,цела една година, ме немаше во чаршијата и по меаните (некои прашувале каде сум, некои се порадувале дека веќе и не сум!?), еве зошто се затворив – во име на љубовта, разбирањето и почитта што ја имам од моите сакани Виктор и Јован. Има дедо, со што да се оддолжи и пред нашата идна примабалерина Ана, кон нашата Ева, која, по патеките на Прличета,наш, охридски, наскоро, заминува за Атина, како првопознавач – ученик на германскиот јазик.
Да ми е живо и здраво семејството, семејствата на сите вас во земјата, да ни живее Република Македонија, нашиот јазик да се слуша и официјално (како денеска) во Брисел, зашто, мојот професор Конески ни велеше: “Деца, паметот во главата, јазикот ни е последната татковина”!!!!