* Научната конференција, најголема во државава, се одржува на Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р.Державин“ во Свети Николе, започнува утре (петок) во 10 часот, а на истата ќе учествуваат над 300 научни работници од повеќе држави…
Утре во Свети Николе, по осми пат, ќе се одржи научна конференција под име „Меѓународен дијалог: исток-запад“. Конференцијата започнува во 10 часот во амфитеатарот на Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р.Державин“, пријавени се над 300 учесници, од кои дел од нив, од повеќе држави, ќе бидат присутни на конференцијата..

„На научната конференција ќе бидат презентирани научни трудови од економијата, од правото и политикологијата, од психологијата, педагогијата и медицината, од безбедносното инженерство, архитектурата, дизајнот, информатиката и екологијата, од филозофијата, лингвистиката, културологијата. По завршување на конференцијата сите трудови ќе бидат објавени во зборник кој ќе претставува вистинско научно богатство“, вели д-р Јордан Ѓорчев, директор на МСУ. На конференцијата се пријавени и научни работници од речиси сите македонски универзитети.
Во рамките на конференцијата ќе биде отворена и изложба од проектот „Свет, живот, уметност“. Раководител на овој проект е русинката Проф.д-р Ирина Бондар, почесен член на Руската академија на уметноста.
„Имавме распишано меѓународен конкурс, интересот да се учествува на изложбата која е во рамките на спомнатата научна конференција беше голем. Цел и задача ни е да ги зачуваме културните вредности, традициите на народите. Всушност, ние преку уметноста го создаваме и зацврстуваме пријателството меѓу народите“, вели Бондар.
Во овој проект, со свои дела учествуваат познати уметници но и студенти, лица од секое возрасно доба како средношколци но и академици.
„Овој проект е поддржан од Министерството за култура при Руската Федерација, Парламентот на Република Чеченија и од Руската академија на науките. Истиот е во рамките на меѓународната асоцијација „Лидери на светските општества“. Сакам посебно да го потенцирам фактот дека оваа изложба за првпат се отвора на МСУ во Свети Николе, Република Македонија, а потоа ќе оди во Куба, Шпанија и во други држави за на крајот да биде претставена во канцеларијата на рускиот претседател“, посочува Бондар.