Најдоброто од истокот уште еднаш ја покажа моќта на оддавање признанија на оние кои прават добри работи во регионот
Штип, 07.04.2019
Реализирана е уште една, петта по ред манифестација на која новинарите од источниот регион, следејќи ги настанатите и остварувањата на стопански организации, институции и поединци ги поделија признанијата за најуспешните.
Во прекрасен амбиент во амфитеатарот на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе каде манифестацијата ја има најквалитетната логистичка поддршка, во присуство на амбасадорот на Република Словенија проф.д-р Милан Јазбец и на претседателот на Советот на Источниот плански регион Николчо Илијев, градоначалник на Кочани, наградите им беа доделени на:
Кирчо Стојов од Кочани, за хуманост. Стојов лани има дарувано парче од својот црн дроб и така спасил живот на млада личност,
Викторија Димитрова Јованова, признание за новинар на 2018 година како дописник на МИА и на Телма, за објавени над 500 новинарски прилози во текот на 2018 година преку секојдневна истражувачка активност од Штип до Берово, до Пробиштип, до Свети Николе…
Драгица Здравева, раководител на Центарот за развој на Источниот плански регион, прогласена за менаџер на годината за нејзината неуморна работа зад која стојат реализирани голем број значајни проекти во регионот зад кои стои нејзиниот потпис,
Академик проф.д-р Блажо Боев, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, признание за најдоброто во областа на науката, затоа што со мноштвото свои научни трудови придонесе нашиот регион, на своја голема гордост, по период од 30 години, да го добие новиот академик,
Д-р Александар Мишев, специјалист по очни болести во Клиничка болница Штип, стана добитник на признанието „Најдоброто во здравството„ за тоа што дневно прегледува и по 50 пациенти, врши операции на катаратка, и одбива да замине на работа во Скопје и (или) Украина каде го бараат велејќи дека му е чест да се грижи за добриот вид на нашите луѓе,
Амфенол Технолоџи-Кочани, признание за најдобра странска инвестиција како фабрика која за неполни пет години вработи над 1.800 лица и со тоа квалитетно придонесе за социјалната сигурност на толкав број семејства,
Витаминка-Прилеп, најдобра домашна инвестиција за купувањето и рестартот на фабриката за масло Брилијант во Штип и ургентното враќање на седумдесеттина вработени на работните места,
Рудник за олово и цинк „Саса“-Македонска Каменица, како најсупешен стопански колектив во последните пет години, рудник кој е титулиран за најуспешен во Југоисточна Европа,
Љупка Стојменова од Кочани, признание за најдоброто во образованието, наставничка зад кој стојат бројни признанија не само од домашната туку и од меѓународната образцовна сцена, миленичка на своите ученици поради пристапот кон нејзината професија,
Макпрогрес Виница, прогласена за општествено најодговорна компанија затоа што дел од својот профит го вложува во заедничкото добро со заедницата помагајќи на децата , младите и студентите пред се но и поддржувајќи низа културни настани во овој гра како фестивалот за хумор и сатира „Ин Виница Веритас“,
Република Словенија, признание за посебен пријател на регионот, за донациите во филтер станиците во Штип и Пробиштип, за финансиската поддршка на Центарот за развој на ИПР и за бројни други донации,
Фармахем стана добитник на признанието за најдоброто во областа на заштитата на животната средина за ангажманот во Брегалничкиот слив, за заштитата на столетните дрвја во Малеш и на Голак…
Сцена 71 Градска театарска група од Свети Николе, најдоброто во културата, за заживувањето на театарската сцена во градот, за бројните претстави под водство на легендарниот Слободан Елисеев,
Регионален центар за застапување-Делчево, најдобра невладина организација, за одличните резултати во бројните свои активности во градот под Голак.
ФК Кит Го-Пехчево, е најдоброто во спортот, позаната штипска компанија го врати спортот во малиот град, а вложува и во изградба на голем спортски компекс за подготовки и на големи спортски колективи,
Анѓелка Пеева Лауреничиќ, доби признание за најдобар амбасадор на регионот во државатаа. Таа е штипјанка која заедно со својот сопруг Иво ја формираа и развија најдобрата ПР агенција Идеа Плус, воведувајќи и кај нас светски стандарди во маркетингот
Посебно признание му беше доделено на Иван Бојаџиски за успешно петгодишно менаџирање со оваа манифестација.
Наградите на добитниците им ги предадоа Тони Михаилов, претседател на Регионалниот центар на новинари „Исток“ при ЗНМ, и двајца поранешни добитници на ова признание – Николајчо Николов, заменик генерален директор на рудникот Бучим и д-р Сашко Николов, интервентен кардиолог во Клиничката болница во Штип. Признанието на Република Словенија на амбасадорот Јазбец му го предаде претседателот на ИПР Николчо Илијев.
Манифестацијата одлично ја водеше Драги Миланов, а посебен квалитет на целиот настан му даде штипската група ГОМИЖИСТО.