Штип, 22.03.2017
- Оние кои не се во брак последното од 40-тре камчиња си го понесоа дома за да го сонуваат својот иден брачен партнер…Над 200 гимназијалци во еколошка акција ги чистеа коритото на Отиња и пешачката патека зад тврдината
Исарот, средновековна тврдина која доминира над Штип и од која се пружа најубавиот поглед на целиот град, и на годинашниов Ден на пролетта беше преполн народ при што доминираа младите и децата. Штипјани, но и бројни гости од повеќе наши градови, се искачија на тврдината и соодветно на народниот обичај, дел од нив попатно собираа по 40 каменчиња од кои 39 ги фрлаа кон реката Брегалница, а четириесеттото си го носе дома. Според народното верување, каменчето кое се носи дома се става под перница, а личноста која таа ноќ ќе ја сонувате ќе ви стане брачен другар. Разбирливо, тоа важи само за слободните, односно за девојките и момчињата.
Целата оваа манифестација е во рамките на прастариот народен обичај „Четрсе“, кој од 2014 година е под заштита на УНЕСКО како нематеријално културно богаство од светско значење.
Најсреќни и најподготвени за настанот беа жителите на куќите сместени под самата тврдина. Тие и годинава не ја напуштија традицијата ширум да ги отворат своите порти за сите добронамерници, при што домакинките принесуваа мекици, а домакините ги нудеа гостите со ракија. Преданијата велат дека на овој убав ден се испивале и по 40 чаши ракија.
„И годинава се искачивме на средновековната тврдина Исар, предел преполн историја. Не послужи и времето, вистинска пролет, па прошетка по нагорнината беше преубава, а и добро е за здравјето. Си го направив адетот, собрав 40 каменчиња, последното си го однесов дома па со нетрпение ја чекам ноќта да видам дали некое момче ќе сонувам како мој иден брачен партнер“, со насмевка ни рече Весела Миланова, студентка од Штип. Нејзините другарки Катерина од Скопје и Елица од Свети Николе само ни ја потврдија приказната не Миланова велејќи ни дека и тие го направиле истиот ритуал.
На Исарот можеа да се сретнат луѓе од сите генерации. Од баби и дедовци кои ги држеа своите внуци за раце, па не се знаеше кој кого води и придружува, преку студенти, и се до ученици од средни и основни училишта. На патеката кон врвот го сретнавме и брачниот пар Иванови.
„Сопругата Ружа го направи ритуалот, последното каменче си го зеде за вечерва да си го стави под перница, а мене баш ме интересира кого таа ноќва ќе го сонува, се надевамам дека јас пак ќе и дојдам на сон“, во шега ни зборуваше сопругот Ристо.
Најголем дел од младите како да заборавија на ритуалот.
„Се искачуваме на Исарот бидејќи е тоа наша традиција, времетто е преубаво, не пуштија од училиште, а немаме намера да собираме камчиња зашто веруваме во тоа дека ќе ни се случи она кое судбината ни го има определено“, коментираа средношколките Марија и Загорка.
Рано утрото околу 200 ученици од штипската гимназија „Славчо Стојменски“ во еколошка акција го чистеа коритото на реката Отиња и печачката патека зад тврдината, а околу пладне во големиот и убаво уреден двор во Домот на млади, се одржа музички хепенинг на кој настапија неколку штипски музички групи.
Дел од лугето ја посетија и убавата црква „Свети Арахангел Михаил“ која се наоѓа на почетокот од тврдината, каде запалија свеќи за здравје на своите најблиски.