Одамна не сум напишал нешто за нашиот премиер, за моето омилено лица од нашата понова политичка и сеопшта сцена. За Зоран Заев, нашиот премиер.
За човекот кој новата епоха во нашите животи ја обележа со крвта своја. Која сакаа да му ја локнат багабонтите кои од чувари на полски клозети станаа пратеници, советници, директори, членови на управни одбори, богаташи, мултимилионери, сопственици на скапи автомобили, јахти, куќи насекаде низ светот, банковни сметки кои натежнале од конечниот збир на парите украдени од нашата пот и народната мака. На оние кои живеат како кралеви, а нивните деца како принцови и принцези. Они кои до вчера беа обични голтари или само средно ситуирани лица.
Со еден збор – членови на најмафијашката фамилија во историјата на постоењето на нашата татковина.
Па еве сега кога имаме нови околности во нашиот политички и секаков друг живот, кога Човекот (големото „Ч“ не е грешка) одново е напаѓан од погоре напишаните да си го кажам своето. Зашто Зоран Заев мора сега и веднаш да ја почуствува нашата поддршка, нашата почит кон се што прави за нас, за Македонија да стане нормална држава, со целината на својата територија во семејството на уредена Европа. Да знае дека народот во огромно мнозинство е со него.
Па кој како милува.
Тој на сите им се обраќа со – пријателе.
Секогаш е со широка насмевка. И кога го фалат и кога го напаѓаат.
Шири оптимизам. Насекаде, во секое време, во секакви околности.
Како што му личи на современ, цивилизиран водач на нацијата.
Неговиот телефон е отворен за сите кои сакаат да остават порака.
Не се крие.
Не робува на големината, важноста и тежината на функцијата.
Не доцни на закажани настани.
Сите сака да ги прегрне. Да им ја пренесе топлината на неговата душа, големината на неговата човечност.
И кога го черечат тој знае да остане смирен и прибран. И да одговори културно, со факти, со бирани зборови.
Кога греши знае да се извини. Од Библијата му е познато дека безгрешни на овој свет нема.
Кога говори јавно, кога некому лично му се обраќа, раката секогаш му е на срцето. Зашто, како што запиша Егзипери – „Човекот со окото ја гледа материјата, со срцето суштината“.
А тој гледа со срцето и со душата своја во која има милост за сите.
Насекаде по светот е дочекуван со највисоки почести.
И најголемите светски државници сакаат да го имат во својата прегратка.
Зашто тој заразно го шири својот оптимистички поглед на татковината и на светот.
А светот знае на вистински начин да го вреднува неговото дело….
Ќе го разберат ли тоа некои нашинци погоре опишани?
Се надевам иако чисто се сомневам.