Штип, 01.11.2020
Медиумите јавија дека штипската Клиничка болница не можела да набавува лекарства, дури и кислород и други средства неопходни за лекување на заболените од Ковид 19 поради закажаните локални избори за градоначалник на 13 декември 2020 година.
Лично не ми е јасна целата оваа ситуација. Штипската Клиничка болница е од регионален карактер, во неа здравствените проблеми си ги лекуваат не само граѓаните од Штип туку и од петнаесеттина други општини во кои нема никакви избори во овој момент, а ќе ги нема ниту до октомври месец идната година кога во целата држава ќе се одржат редовни локални избори. Се работи за вкупно 250.000 потенцијални клиенти на болницата, од кои само нешто под 48.000 се од Штип, град во кој е лоцирана болницата.
Што се виновни пациентите од Берово, Пехчево, Делчево, Виница, Каменицај, Кочани, Пробиштип и други општини што во Штип ќе имало предвремени избори за градоначалник? Конечно, што се виновни и граѓаните на Штип на кои им е потребна лекарска помош, посебно на заболените од Ковид 19, па да не можат да добијат квалитетна здравствена заштита во својата Клиничката болница, каде ќе и речат дека поради изборите не можеле да обезбедат соодветни лекарства и други медицински потреби?
Мислам дека ова е една многу неодговорна работа на државата која мора да најде начин во ситуации како штипската здравствените институции да не бидат третирани како некое маалско гранапче кое инспекцијата го затворила бидејќи таму не се давале фискални зметки. Здравјето на граѓаните, од овој аспкет, мора да има подруг третман отколку што сега го има во нашата понегогаш многу чудна и нелогична законска регулатива.
Изборите во Штип ќе траат до крајот на декември месец, тоа се уште 60 дена, време во кое Клиничката болница која последниве три години бележи одлични резултати во секој поглед нема да може да набавува ништо од здравствени материјали. И тоа во време на вирус кој го тресе светот, а и нас.
Има ли тука логика? Мислам дека – нема, мислам дека тука нешто дебело не е во ред.