Штип, 10.01.2017
Драги Илиев, директор на Средното медицинско училиште во Штип си даде оставка. Тој чин Илиев го направи на речиси две години пред истекот на вториот четиригодишен мандат кој му завршува во втората половина од идната 2018 година.
Останува мистерија зашто Илиев го направи тој чекор и зашто доброволно абдицира од директорската функција на средното училиште во кое има околу 800 ученици. Мистеријата е засилена и од фактот дека Илиев е член на владечката партија ВМРО ДПМНЕ и дека се до оставката немаше ниту најава дека ќе се случи такво нешто.
„Си дадов оставка од лични причини за кои не сакам јавно да зборувам. Единствено што можам да кажам е тоа дека училиштето кое беше и е најпосакувано за младите го оставам во најдобра кондиција и без денар финансиски обврски“, ни изјави Илиев.
И додека Илиев не сака јавно да зборува низ градот веќе кружат повеќе пикантни стории во врска со овој настан. Една од шпекулациите е дека Илиев доволно не се заложил кај персоналот да биде масовен на протестите на владеачката партија, а и самиот тој поретко од неопходнотo се појавувал на таквите настани, иако добивал личи покани да биде на местото на протестот.
Втората шпекулација е дека од некоја засега јавно неидентификувана причина Илиев паднал во немилост кај штипскиот градоначалник Илчо Захариев кој во текот на својот речиси четиригодишен мандат ги менуваше директорите во општинските основни училиштата како што се менуваат пионите на шаховската табла. Според овие шпекулации Илиев не сакал да води војна со таткото на градот и решил да си замине од директорската позиција.
Откако му ги предочивме шпекулациите Иливе одново ни рече дека во нив нема вистина и дека причините за демисијата од функцијата била само и икслучиво од лична природа. (и.б.)