Новинари се здружуваат за отворање национален интернет портал
Скопје, 28.062017
- Порталот ќе се бави исклучиво со истражувачки теми во внатрешноста на државата, теми кои имаат и важно национално значење
Координаторите на регионалните центри на новинари во состав на ЗНМ и членови на органи и тела на новинарската организација од внатрешноста на Македонија, два дена во Скопје дебатираа и се обучуваа за подготовка на предлог проекти. Централна тема на дебатата беше заложбата на новинарите од Штип, Кочани, Битола, Охрид, Куманово, Струмица, Прилеп, и други места за формирање национален интернет истражувачки портал.
-Заедничкиот портал ќе се посвети исклучиво на истражувачки теми од општините надвор од Скопје, но во исто време и теми кои имаат големо општествено значење за целата држава. Мислам дека постигнавме колегијален договор да го направиме тој чекор бидејќи и надвор од Скопје има значајни теми кои бараат преку релевантен истражувачки пристап да бидат обработени и доставени до јавноста. На тој начин, оценивме дека како новинари можеме да помогнеме во разрешување на значајни општествени противречности кои ги имаме во нашите региони, истакна Сузана Николиќ, новинарка од Куманово и сопственичка на порталот Куманово Њуз.
Дебатата и обуката беа во организација на ЗНМ, а на барање на новинарите од внатрешноста, додека обуката ја реализира Зоран Стојковски од консултантската организација ПРОЕФЕКТ ИНОВО од Скопје.
Инаку, за време на дебатата беше спроведен тест под наслов „Кој сака да биде проектен милионер“…Учесниците во обуката одговараа на важни прашања од разни области кои имаат врска со Европската унија и со креирањето проекти. Титулата „Проектен милионер“ ја понесе Иван Бојаџиски, регионален координатор на новинарскиот центар „Исток“ со седиште во Штип. Бојаџиски освои 1.413.000 евра што е највисок износ во сите досегашни вакви тестови во државата. За ова, победникот на овој тест доби признание „Проектен милионер“.