Новиот модел на инклузија е во интерес на децата со посебни образовни потреби, не исклучува ниедно од нив, тврди Јаневска
Со измените на Законот за основно образование се обидовме на најдобар начин да ја решиме инклузијата на учениците со попреченост, а родителите не треба да се грижат, зашто промената на моделот ја правиме за доброто на децата, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска во вчерашното издание на „Топ Тема“ на Телевизија Телма.
„Веќе подолг период стручни лица велат дека тоталната инклузија е пропаднат проект, затоа што голем број деца кои имаат поголеми потешкотии или имаат мултихендикеп, тоталната инклузија ги остави дома, без никакво образование. Новиот закон нуди сите деца со посебни образовни потреби, што можат да одат во редовни училишта, да одат. Но, доколку одредени деца не постигнуваат успех во редовните училишта, постои можност, со дозвола на родителите, но пред сé со дозвола на Комисијата за проценка на функционалност, да бидат запишани во ресурсните центри, каде што имаат на располагање многу повеќе стручни лица и каде што може да им се обрне повеќе внимание“, изјави синоќа Јаневска.
Министерката додаде дека законот предвидува формирање и на општински ресурсни центри, нешто што во моментов не постои.
Јаневска кажа дека ако во иднина се покаже оти ова не е добро решение, законот може да се промени во секој момент.
„Но, потребен е извесен период да функционира, за да може да се направи анализа кое решение е подобро“, изјави Јаневска.
Министерката информираше дека вчера во Собранието беа усвоени законите за основно образование, за стручно образование и обука, за ученици, за образование за возрасни и за национална рамка на квалификации.
„Во измените и дополнувањата на Законот за основно образование го решаваме проблемот на физичкото одвојување или сегрегацијата на ученици, што постои според пресудата на Судот за човекови права во Стразбур, за ученици Роми. Веќе имам појаснето дека државата не врши сегрегација, туку дека тоа е начин на живеење на одредени етникуми, кадешто тие се групираат во одредени маала. Но, бидејќи имаме пресуда што мора да се почитува, преземавме одредени мерки во однос на балансирано формирање паралелки, промена на реонизацијата и позитивна дискриминација со вложување во училиштата“, рече Јаневска.