Штип, 17.06.2023
Сливното подрачје на реката Брегалница и уште неколку реки во источниот регион ,поради обилните дождови, придонесоа браната Калиманци да се преполни, а нејзиното излевање наскоро да стане можно. Од ЦУК известуваат дека поради обилните врнежи од дожд кои го зафатија регионот во изминатите денови, во езерото „Калиманци“ дотекува големо количество вода.
Во моментов во вештачкото езеро кое е со акумулативен капацитет од 125 милиони метри кубни вода дотокот на вода изнесува 25 кубни метри во секунда и постојано расте.
Од ЦУК известија дека на патниот правец Долни Подлог – Облешево, во близина на оранжериите „Зелена Куќа“ водостојот на Кочанска Река е на максимално ниво и е можно да го преплави мостот. Известен е СВР Штип за навремено да се обезбеди мостот на ова река помеѓу двете села.
Целосно е сопрен истекот од ХЕЦ „Вруток“ за да нема дополнителен прилив на вода во коритото на реката Вардар. Нивото на Вардар е високо, па ова е превентивна мерка од можните излевања на реката во Полог.
И водостојот на Вардар низ Скопје е висок. Зголемен водостој се очекува и низводно од Скопје кон Орешани, Зелениково, Таор и Велес поради движењето на поплавниот бран.