Од Василево, султанија, Царево Село до Делчево
Делчево, 24.02.2021
За Делчево и животот на Делчевци, со професорот и директор на СОУ „Методи Митевски Брицо“ Делчево Љупчо Прачкоски
Професор Љупчо Прачковски, директор на СОУ „Методи Митевски Брицо“ во Делчево се зафати со реализација на големата и благородна идеја да напише книга за животот на Делчево и делчевци во период од 1920 до 1960 година. Професор Прачковски со задоволство се согласи на интервју за istokpress.mk за неговата книга од капитално значење за Делчево.
ИП: Професоре, вашата прва книга „За Делчево и животот на делчевци во периодот од 1920 до 1960 наскоро излегува од печат. Зошто е избран токму периодот од 1920 со 1960 година?
Прачкоски: Овој бурен период е многу битен за развојот и експанзијата на градот. Тогаш Делчево почнува нагло да се развива и од селска касаба прераснува во современо урбано градче.
ИП: Знам дека имате богата архива од слики, податоци, снимени разговори со луѓе кои се дел од историјата на Делчево. Како и кога започнавте со оваа работа.
Прачкоски: Уште како дете, моите, посебно дедо ми, со своите кажувања и сведоштва за Делчево, направија преданијата, случките и животот во Делчево низ времињата да биде моја омилена лектира. Така се започна и тоа трае до ден денес.
ИП: Па одлучивте дел од вашето богатство на податоци за Делчево е ставено во вашата книга?
Прачкоски: Бидејќи располагав со многу податоци, како писмени, така и раскажани од постарите жители, и многу фотографии целта ми е сето тоа да се зачува како сведоштво за едно време низ кое растел и се равивал градот. А најдобар начин за тоа е сведоштвата да се стават во книга.
ИП: Во книгата опфатен е многу чувствителен период, после многуте војни водени на овие простори, постојаното менување на власта, менување дури и на етничката структура на населението во градот.
Прачкоски: Да, и покрај тешката состојба Делчево почнува да се развива секојдневно.На економски план, се развива занаетчиството и трговијата, а со тоа и чаршијата, културнозабавниот и спортскиот живот. Сето тоа, сиот тој растеж и развој на Делчево во спомнатиот период ќе може да се види од книгата.
ИП: Секоја слика во книгата носи едно сведоштво, приказна преку кој се доловува тогашниот начин на живот.
Прачкоски: Како потомок на луѓето што беа активни учесници во тоа време имав можност да слушам многу за тогашниот живот, да приберам многу фотографии и да запишам многу усни преданија. За првиот автомобил, за првото радио, за игранките, корзото, боемите, модата…, што со тек на времето допринесе да се роди идејата за книгата…
ИП: Книгата опфаќа временски период од само 40 години, тоа е време на нова светска војна, бурни промени промени во општественото уредување…
Прачкоски: Да, тоа е така, а јас го зедов периодот од 1920 до 1960 година, кој период го опфаќа и времето на Втората светска војна како и повоениот период, за да може во континуитет да се согледа развојот, школството, стопанството, културата, животот во градот, спортот…
ИП: Се забележува дека во книгава со посебен пиетет зборувате за развојот на спортот во градот?
Прачкоски: Јас сум професор по спорт и можеби и затоа тој момент најмногу ме интересирал. Факт е дека спортот многу допринесол за развојот на тогашната младина. Сето тоа може да се види со појавата и развојот на Соколите, изградбата на спортската сала – соколана, која покрај Читалиштето ќе стане центар за собирање на младината, за нејзин физички и интелектуален развој како и на сите збиднувања во градот. Денешните спортски клубови во градот се само нормално продолжение на тогашните зачетоци во спортот на овие простори, и сосема е нормално да се знае историјатот на тој развој.
ИП: Јас како човек кој сум од градот, иако сум скоро четириесет години тука, читајќи го ракописот, гледајќи ги сликите, имам впечаток дека го познавам градот стотици години.
Прачковски: Покрај тоа што сакав ова моја богата архива од слики, усни кажува од сведоци да ја споделам со моие делчевци, потајно во себе посакував и од другите делови на мојата земја, да ја засакаат оваа моја приказна за Делчево низ слики и текст и барем на момент да ги почуствуваат како блиски настаните низ кој минувал мојот град.
ИП: Вие сте педагог, планиратате ли една монографија за школството во Делчево и Пијанецот?
Прачкоски: Иако веќе има неколку монографии, планирам да правам една таква монографија…
ИП: Познато е дека во голем број делчевски села имало основни училишта, во каква кондиција се сега?
Прачкоски: Голем број од селата се скоро напуштени, а училиштата се руинирани или пренаменети за друга потреба?
ИП: Што мислите, дали постојните училишта треба да имаат музејска збирка, од експонати на школите, сочуваните предмети, дневници од тоа време?
Прачкоски: Тоа требаше и досега да се направи. Но за жал сите оние ентузијасти кои сакаат тоа да го сторат, немаа ни разбирање од одговорните, а немаа ни финансиски средства.
ИП: Знам дека монографијата ја правите со ваши средства, има ли потреба од некој фонд при општината, републиката кој ќе ги потикнува, и финансиски ќе помага вакви книги.
Прачкоски: Треба да се мотивараат луѓето што имаат податоци за да отпочнат да работат монографии не само за градот, туку и за познати фамилии кои оставиле траен белег во развојот на Делчево.
ИП: Вие сте по вокација професор по физичко воспитување и спортист, можеме ли да очекуваме монографија за спортскиот живот во Делчево и Пијанецот?
Прачкоски: Имам доволно подотоци за да се направи една таква монографија, но за тоа се потребни финансиски средства и екипа која би помогнала во реализација на ова идеја.
ИП: Оваа монографија завршува со 1960 година, ќе има ли продолжение?
Прачкоски: Се надевам дека податоците кои ги имам, но и ги собирам и ден денес, ќе ми помогнат да подготвам една книга За Делчево и животот на делчевци за периодот од 1960 до 1990 година.
ИП: Ќе запрете ли тука или ќе има трето полувреме, од 1990 година па наваму.
Прачкоски: Да сме здрави и живи, сигурно со помош на млади и амбициозни ентузијасти ќе ја продолжиме работата.
ИП: Ваша порака до оние што како вас сакаат да прават вакви или слични книги.
Прачкоски: Не ги чувајте само за себе фотографиите од вашите предци, бележете ги сведоштвата на постарите. Историјата на вашето семејство, на вашиот град навистина е само едно мало камче во мозаикот на нашата историја, но без него тој мозаик не би бил потполн. Со тоа ќе се ја сочуваме нашата историја, нашите традиции и нашата култура.
Промоцијата во Делчево ќе се случи идниот месец,
Миле Ѓорѓиоски